Започна процесот за подготовка на Национален оперативен план за широкопојасен интернет

Сподели

Министерството за информатичко општество и администрација почна со подготовка на Национален оперативен план за развој на брзи и супер брзи електронски комуникациски мрежи во Македонија, за што се формирани четири работни групи.

Групата за утврдување слободни капацитети и нивно идно користење кај постојни електронски комуникациски мрежи и средства, со која претседава министерот Манчевски, ќе се зафати со мапирање на сите државни електронски комуникациски мрежи. Тоа се прави поради потребата да се искористат нивните слободни капацитети за понатамошен развој на електронските комуникациски мрежи и услуги на државните институции како и за потребите на приватниот сектор.

-“Националниот оперативен бродбенд план треба да биде усогласен со претходните стратешки планови на ЕУ. Во таа насока мапирањето на државните електронски комуникациски мрежи и мапирањето на постојни и идни комерцијални електронски комуникациски мрежи е од суштинско значење, а особено за точното определување на ’белите’ зони, односно зони каде нема и не се планира NGA мрежи, во кои во иднина ќе треба да се вложат јавни средства за нивно покривање“, истакна Манчевски.

Другите три работни групи се за утврдување мерки и активности потребни за воведување на 5G мобилна технологија, за обезбедување подобра координација на процесот на мапирање на територијата на Македонија со постоечки и планирани идни широкопојасни електронски комуникациски мрежи и за утврдување предлог мерки за поттикнување и зголемување на интересот на граѓаните за поврзување преку широкопојасни мрежи.