На Балканот завршило белгиско месо старо 12 години

Сподели

Месарска компанија од Белгија ја загуби дозволата за работа, откако властите открија дека се фалсификувале податоците за рокот на траење на месо и месни производи, а во нив се ставале делови од животински тела кои воопшто не се дозволени за човечка консумација. Месото се извезувало и во Југоисточна Европа.

„Мета“ испрати прашања до македонската Агенција за храна и ветеринарство дали во Македонија се увезувани месо и месни преработки од „Вевиба“, но не добивме одговор.

Според Системот за итно предупредување на ЕУ за безбедност на храна, големите трговски синџири во Белгија, Холандија, Луксембург и Велика Британија го отстраниле месото на фирмата „Вевиба“ од своите објекти.

Од кланицата во Бастоњ, инспекторите зеле 200 примероци од 2.000 палети со месни производи кои биле подготвени за транспорт и утврдиле неправилности кај дури 133 од примероците. Имало и „кланички отпад“, кој се дозволува за ставање во храна за животни, но не и за човечка употреба.

Според медиумите, скандалот е уште поголем поради тоа што месо кое уште во 2004 година било обработувано во кланицата на фирмата „Вевиба“, било извезено на Косово 12 години подоцна.