Раководителот на секторот за соработка на Делегацијата на Европска Унија, Никола Бертолини рече дека финансиската поддршка од ЕУ во Македонија значително се зголемува, па така за разлика од лани кога изнесувала 70 милиони евра, за годинава се предведени 80 милиони евра.
– За оваа година се превидени 80 милиони евра, само за билатералните договори, не сметајќи ги регионалните проекти. Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер при претставувањето на стратегијата за Западен Балкан, најави една милијарда евра. Според тоа, уште повеќе средства и фондови се предвидени за овде и во регионот. Успех е, доколку не се вратат парите назад – изјави Бертолини.
Претседателката на „Транспаренси интернешнл“ – Македонија, Слаѓана Тасева смета дека проблемот со искористување на европските пари до сега бил тоа што не сме биле подготвени да ги повлечеме.
– Не сме имале проекти, ниту капацитет. Парите кои што ЕУ ни ги дава, треба да се одработат. Мора капацитетите да се зајакнат за користење на странските фондови. Ако не е организирана државата, ако нема компетентни луѓе на вистински позиции, системот ќе се распадне – изјави Тасева за „Мета“.