ВМРО-ДПМНЕ: СЈО се претвори во карикатура

Сподели

Катица Јанева и Специјалното јавно обвинителство се претворија во карикатура, заради понизноста во извршувањето на политичките нарачки. Никој веќе не верува во нивната професионалност и неселективност, реагира ВМРО-ДПМНЕ на денешната конференција за медиуми на специјалните обвинителки Катица Јанева и Фатиме Фетаи.

– Јасно е дека Зоран Заев и СДСМ се исплашени од реакциите на јавноста во врска со насилничкото носење на законот за двојазичност и срамното лицитирање со националните интереси во преговорите со соседна Република Грција. Во ситуација кога економијата е пред колапс, а владата на Заев е целосно неспособна да ги испорача ветувањата со кои ги манипулираа граѓаните, сосем е очекувано повторно да се активира СЈО чиј мандат за отворање истраги и обвиненија истече уште во јуни минатата година – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, затоа Катица Јанева и СЈО продолжуваат политички да конструираат случаи без никаква правна основа и јавноста мора да биде дефокусирана од целиот хаос што се случува во државата.

– Затоа се отвораат случаи за договори потпишани од Амбасадорот на ЕУ во Скопје или закони изгласани во Собранието. Паниката во која што се наоѓа СДСМ не може да биде оправдување за несериозното и незаконско постапување. Правната држава ќе се врати откако ќе си замине оваа неспособна власт – соопшти ВМРО-ДПМНЕ.