Каевски: Суспензија за раководител од АМС и нова комисија

Сподели

На денешната прес конференција, директорот за Млади и спорт, Дарко Каевски најави формирање комисија за утврдување одговорност за членовите на стручната комисија, ангажирана за селекција и избор за најдобри авторски дела како дел од конкурсот за реализација на проектот „Млади поети“, како и поведување дисциплинска одговорност и суспензија на раководителот на Секторот млади, се мерките што ќе ги преземе Агенцијата за млади и спорт за расветлување на случајот со двете песни со недолична содржина кои беа објавени во збирката, а кои предизвикаа големо внимание во јавноста.

„Со решението од 18.12.2017 година, Комисијата имала обврска да изврши селекција на пристигнатите творби и да постапи совесно, стручно и непристрасно, како и согласно позитивните законски прописи на РМ. Одговорноста за направениот избор и за содржината на збирката ‘Млади поети’ ја носат нејзините членови. АМС ќе поведе постапка и ќе формира Комисија за утврдување одговорност на ангажираните членови на стручната комисија, и притоа ќе бара од комисијата да ја надомести штетата во целост“, рече Каевски.

„Комисијата ги разгледала, ги пратила до издавачката куќа ‘Арс Ламина’, но секако затоа тука следи дисциплинската, постапката за суспензија на одговорното лице, бидејќи постојат недоразбирања во комуникација меѓу раководното лице од АМС, секако и ‘Арс Ламина’, меѓу нивната комуникација“, нагласи Каевски пред новинарите.

“Ја лоциравме одговорноста и го расветливме случајот. Се работи за несовесно, нестручно и непрофесионално работење на неколкумина поединци по што дошло до објавување на содржина во која има родова и етничка дискриминација, на што АМС жестоко се противи. Комисијата за избор на песните имала обврска да изврши селекција на пристигнатите творби, изборот е направен од членовите на комисијата. Одговорноста е на ангажираните членови и тие ќе треба да ја надоместат штетата во целост“, рече Дарко Каевски.

Членовите на комисијата, пак, во јавноста реагираа дека тие имале обврска да ги одберат трите наградени песни, а такво решение воопшто не добиле.