Вуцис: Во интерес на Грција е да се најде заемно прифатено решение за името

Сподели

Изнаоѓање заемно прифатено решение за името, заведено во Уставот и за севкупна употреба, е во интерес и на Грција, смета претседателот на грчкиот Парламент Никос Вуцис.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Вуцис имаше поздравно обраќање на промоцијата на книгата „10+1 прашања и одговори за македонското прашање“, во просториите на Стопанската комора во Атина, а во неговиот говор се задржа на шест точки изразувајќи ги неговите размислувања во однос на прашањето за името.

– Во интерес на нашата земја е да се реши прашањето врз база на заедничко и заемно прифатено решение за севкупна употреба, со уставна регистрација на името и со еден широк договор што ќе потврдува, ќе гарантира и ќе охрабрува една нова ера во односите на народите, не само во економијата, туку и во сите прашања што ги засегаат, рече Вуцис.

Претседателот на грчкиот Парламент смета дека изнаоѓањето решение е важно не само за Скопје туку и за Атина, но од различни причини, а  додаде дека сега веќе на сите им е јасно дека беше изгубено драгоцено време во минатото.

– На почетокот, грчката страна не работеше на сложено име, а подоцна, тогашната власт во ПЈРМ започна со постапки со јасна националистичка димензија што упорно имаа за цел регистрирање на името на земјата како Македонија, истакна претседателот на Парламентот на Грција.

Никос Вуцис изрази убеденост дека доколку решението е во рамките на грчките позиции, тогаш ќе биде поддржано од мнозинството политички сили во грчкиот Парламент.

– Мојата политичка проценка е дека доколку во Парламентот дојде за ратификација договор врз основа на повторените јавни ставови и обврзувања од страна на премиерот, но и од министерот за надворешни работи, ќе се најде, преку расправа, една широка политичка поддршка, смета претседателот на грчкиот парламент, пренесе МИА.