Еден пријател кој што неодамна присуствувал на збратимувањето на Прилеп со Истанбулската општина “Бајрам Паша” ми ги изнесе своите впечатоци: Таа била една од помалите во Истанбул со 2 милиони жители, неа ја опслужувале околу 1000 службеници, сместена во две петокатници, со постојани дежурни служби кои што на чело со градоначалникот и општинските началници постојано биле на терен, решавајќи секојдневни проблеми на граѓаните. На работа доаѓале со сопствени автомобили или со јавен превоз, дневно поминувајќи и по стотина километри, бидејќи како што рече, во Истанбул за да стигнеш до работното место, ти требаат и по неколку часови. Независно, дали си во државна служба или во приватен бизнис, превозот се смета личен трошок и никој не помислува за одењето на работа да бара посебен паричен надомест.
Додека ги слушав неговите импресии, се потсетив и на некои мои престоји во неколку европски престолнини, каде што во одделни градски квартови живеат по неколку милиони луѓе, каде што растојанијата до нивните работни места изнесуваат десетици километри. Каде што општинската администрација се брои од неколку илјади службеници, а животот се одвива по најнормални текови.
Па, драги мои и нашата државичка не е ништо поголема и понаселена од “Бајрам пашината” општина. Како што е познато повеќето македонски градови не се оддалечени од Скопје повеќе од 50 километри, а до границата со Грција се стигнува со автомобил за неполни 90 минути. Последниот податок вели дека во нашата јавна администрација се вработени околу 150.000 службеници и дека за нивното работно сместување е изграден (и се уште се гради) станбен простор колку што има еден град, приближно на Битола.
Тогаш, како да се објасни законското право што овозможува добар дел од нашите државни функционери, покрај платата што ја добиваат за својата работа, да бидат и парично наградувани и за самото нивно пристигнување до работното место но, и станбено згрижени што биле привремено отсутни од своите домови. И тоа, за релации како што се Куманово, Тетово, Велес, нека биде и Охрид, каде што се стигнува за најмногу за еден час.
Како да се објасни скандалот со македонските пратеници за кои што државата троши 100 милиони евра годишно затоа што поднеле таква саможртва, со своите мерцедеси да се довлечкаат до парламентарното здание, или случајот со струмичката народна избраничка која што наплатила превозен надомест како да патувала до Алјаска и назад! Дали тие припаѓаат на некој посебен човечки сој, поразличен од оние во Париз, Лондон или Берлин, кои што со метро, трамвај или автобус секојдневно пристигнуваат на своите работни места?
Најпосле, дали негде сте прочитале или слушнале дека ударна телевизиска вест може да биде, кога некој македонски министер заминува во службена посета на некое градче оддалечено триесетина километри од неговата канцеларија, и тоа, со патен налог, службено возило, личен шофер и по некој телохранител? За жал во нашата чудесна, пребогата и недогледна Македонија таквите посети се претставуваат како важен политички настан и се сметаат за висок државен ангажман и напор кој што треба посебно да се награди со пари на овој преосиромашен народ!