Џезаир Шакири Хоџа: Зошто сум виновен за тоа што премиерот ме симна од планина за да ми даде барем некаква функција во владата

Сподели

Влезе ли Џезаир Шаќири, познат како командантот Хоџа во владата – портпаролот на владиниот кабинет без одговор, вели службите не работат за викенд, а став најави за утре. Шаќири во меѓувреме на својот фејсбук профил напиша зошто би бил тој виновен што Заев бил помудар од албанските партии.

„Кој ги блокираше албанските партии десет години да ме посетат во Танушевци? Десет месеци тука во Скопје единствените политичари кои ме посетија и искажаа благодарност се Весел Мемеди и Гилимзере Касапи. Зошто би бил јас виновен за тоа  што Заев беше помудар од нашите политичари и ме симна од планина за да ми даде барем некаква функција во владата. Кој им пречеше на албанските партии да ме остават 10 години на страна или зошто албанските партии кои беа или се во власта не му го земаа бајракот на Заев и маркетингот не го направија свој.“ – изјави Џезаир Шаќири – Хоџа.

На социјалните мрежи веќе се редат честитки за „новиот советник за безбедност на премиерот Заев“, а слики на кои се гледа како екс командантот на ОНА излегува од владата сподели и претседателот на управниот одбор на друштвото за стопанисување со станбен и деловен простор Џеват Исени.

Се огласија и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, бараат одговор во кое својство Џезаир Шаќири – Хоџа бил во Владата и дали е советник на премиерот Заев, пренесува 24Вести.

„Доколку фотографиите се верни,Владата не смее да крие информации и да соопшти со која цел Шакири  бил во службените простории на владата. Дали се вистинити гласините дека заев бил уценет и прифатил да го зангажира Шакири како надворешник советник и да го плаќа со пари на граѓаните?“ – изјави Наум Стоилковски – ВМРО-ДПМНЕ.

Во листата на советници на премиерот Заев се наоѓаат близу 50 имиња, а последниот кој доби советничко место е екс минiстерот за внатрешни работи Љубе Бошковски, како посебен советник за странски инвестиции. Покрај Бошковски, на листата советници на премиерот се и Марјан Забрчанец кој е посебен советник за односи со јавност, Бојан Маричиќ како посебен советник за евроатлантски интеграции, Цветанка Ласкова – советник за култура, а како советници се јавуваат  и Фатмир Битиќи, Дане Талески, Ленче Николовска и Рубин Земон.

Џезаир Шаќири, познат како командант Хоџа е учесник во воениот конфликт од 2001 година, ги раководеше припадниците на ОНА во Арачиново, а потоа стана и пратеник во македонското собрание. Шаќири пред две години во косовската јавност објави информации според кои припадник на службите за безбедност имал контакти со вооружената група која беше дел од нападот во кумановско Диво Насеље.