Откако Димитар Богов ја повлече кандидатурата за гувернер, претседателот Ѓорге Иванов ја предложил вицегувернерката Анита Ангеловска – Бежоска за нов гувернер на Народната банка и предлогот го доставил до Собранието, потврдија од кабинетот на Иванов за МИА.
Претседателот Иванов смета дека актуелната вицегувернерка, Анита Ангеловска-Бежоска, која доаѓа од редот на професионалците и раководните структури на Народната банка е решение за гувернерската позиција, со кое би се продолжил континуитетот на позитивното работење и успешното водење на монетарната политика.
Ангеловска-Бежоска осум години е на функцијата вицегувернер во Народната банка задолженa за областите монетарна политика, истражување и статистика. Таа беше реизбрана за вицегувернер на Народната Банка, на предлог на Богов, на 20 септември 2017 година во Собранието.
„Од 2004 до 2010 година Ангеловска-Бежоска била главен економист во НБРМ. Воедно, била ангажирана во Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон, во Одделот за макроекономски политики во европските земји и во Одделот за фискални политики. Ангеловска-Бежоска учествувала во повеќе преговарачки мисии на Меѓународниот монетарен фонд за склучување аранжмани меѓу Меѓународниот монетарен фонд и земји-членки. Од 1996 до 2004 таа има богато работно искуство во Министерството за финансии каде работела на повеќе позиции, од стручен соработник за финансиски систем, советник за подготовка и извршување на буџетот, раководител на секторот Трезор до државен секретар на Министерството за финансии. Ангеловска-Бежоска се стекнала со титулата доктор на науки на Економскиот факултет во Љубљана во 2015 година, а темата на нејзината докторска дисертација е „Координација на монетарната и фискалната политика во Република Македонија“, се вели во соопштението од кабинетот на Иванов за МИА.