Ангеловска Бежоска: Останува предизвикот за градење на независна монетарна политика

Сподели

Анита Ангеловска – Бежоска денеска ја презеде должноста гувенер на Народната банка од досегашниот гувернер Димитар Богов, на кој мандатот му истече вчера.

Во изјавата за медиумите таа се заблагодари на претседателот Ѓорге Иванов за нејзината номинација и на политичките партии кои што со широк консензус ја избраа за гувернерка.

-Би сакала да му се заблагодарам на досегашниот гувернер Богов кој успешно ја водеше банката во критичните моменти. Бев дел од тимот кога ги поминувавме тие моменти, но благодарејќи на силниот институционален капацитет на централната банка, успешно ги поминавме – рече Ангеловска – Бежоска.

Таа потенцираше дека пред неа останува предизвикот за одржување на независна монетарна политика, но и макроекономска стабилност. Но како и досегашните раководни структури на банката, таа потенцираше дека ќе продолжи со градење на силен институционален капацитет на Централната банка, бидејќи го смета за клучен во извршувањето на задачите.

Претходно, Богов даде отчет за сработеното и рече дека двете клучни цели на банката се постигнати, односно постигната е ценовна и стабилност на банкарскиот сектор.

-Девизниот курс на денарот во однос на еврото беше одржан на стабилно ниво. Денарот не изгуби од конкурентност во однос на еврото, бидејќи инфлацијата за овие седум години од 1,5 проценти беше на слично ниво како во ЕУ од 1,2 проценти. Банкарскиот систем успешно се развиваше и растеше, така што активата и депозитите се зголемени за 50 проценти во однос на пред седум години – рече Богов.

Тој додаде дека за овие седум години, Народната банка успешно се справила со два силни, неповолни шокови како што беа грчката должничка криза во 2015 година и шпекулативниот напад врз монетарната стабилност во април и мај 2016 година. Имено, од 19 април до 23 мај 2016 година НБРМ интервенираше на девизниот пазар со продажба од 129 милиони евра, со што го затвори јазот помеѓу побарувачката и понудата на девизи и ја одржа стабилноста на девизниот курс.

Тој период, како што истакна Богов, во комбинација со политичката криза му бил најлошиот период за време на извршување на функцијата гувернер.

– Каматната стапка е на историско најниско ниво од 3 проценти. Секогаш постои дискусија дали може пониска, можеби и ќе можеше ако немаше политичка криза, но и дисциплинирана фискална политика – додаде Богов.

На прашањето на „Мета“ каде ќе ја продолжи кариерата, Богов рече дека сето ова набрзина му се случувало и дека ќе земе одмор па потоа ќе размисли што понатаму.

Неговата разделба со вработените беше прилично емотивна, бидејќи како што рече, таму поминал многу убави моменти и соработката со нив ја оцени како добра страна во работењето како гувернер.