ЗНМ: Осуда за нападите врз новинарите на протестот пред Собранието

Сподели

Здружението на новинарите на Македонија остро ги осудува физичките напади на новинари и сниматели на протестот против договорот за името пред Собрание. Загрижува фактот што незадоволните граѓани се уште нивниот револт го истураат врз новинарите. Повикуваме МВР итно да ги идентификува напаѓачите и да ги изведе пред лицето на правдата.

ЗНМ, исто така, протестира против приведувањето во полиција на новинарот на Инфомакс, Борислав Стоилковиќ, поради наводно одбивање да се легитимира и снимање во лице на припадниците на полицијата.

Неразбирливо е тврдењето на МВР дека новинарот одбил да се легитимира кога од снимките додека е приведуван јасно се гледа неговата новинарска легитимација.

Снимањето на полицајци на протести не може да биде основ за приведување на новинари затоа што таква забрана нема во ниту еден закон. Освен тоа, снимањето на однесувањето на полицијата на протести е од висок јавен интерес за да може да се регистрираат евентуалните злоупотреби.

Обврска на властите е да ги заштитат и да им обезбедат услови за непречено известувањето на новинарските екипи од протести.

Здружението го осудува однесувањето на новинарот Стоилковиќ, кој наместо да известува од протестот стана директен учесник. Го потсетуваме колегата Стоилковиќ дека говорот на омраза и повикување на насилство не се споиви со новинарската професија. Тоа не е слобода на говор, туку негова најбрутална негација.