Во Кривичниот суд денеска ќе се одржат нови рочишта за „Таргет-Тврдина“ и „Титаник 3“ на СЈО.
Претходното рочиште за „Таргет-Тврдина“ беше одложено поради незавршената екстрадициска постапка што се води пред Врховниот суд во Грција за двајцата обвинети Горан Грујевски и Никола Бошковски.
Судот денеска ќе треба да се произнесе по барањето за одвојување на постапката за Грујевски и Бошковски.
Во „Таргет – Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски.
Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет. Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
Во предметот „Титаник 3“ обвинети се Ејуп Аљими и Исмет Гури, затоа што како членови на Општинската изборна комисија во Чаир „уништувале изборен материјал“.
Обвинетите на претходното рочиште кажаа дека го разбираат обвинението што го презентира обвнителката Фатиме Фетаи, но оти не се чувствуваат виновни.
Според СЈО, двајцата обвинети со своите дејствија влијаеле директно врз изборниот резултат и дека имале криминален нагон да ја фалсификуваат изборната волја на граѓаните на Чаир со цел да остварат политичка моќ.
Адвокатите на Аљими и Гури пред судот кажаа дека со повеќе докази во текот на постапката ќе докажат дека нивните клиенти не се виновни, како и дека во спорниот момент на обвинението немале никаква функција со што би влијаеле да се стори кривичното дело за кое ги обвинува СЈО