Неретко се случува сами да се упатите на долго патување со вашиот автомобил. Некои уживаат во таквите ситуации затоа што чувствуваат поголема слобода и поголема комоција. За други, таквото патување е досадно и непријатно па често си бараат друштво за по пат. Како и да е, искуствата покажуваат дека долгите часови во автомобилот, и чувството дека сте сами позади воланот, предизвикува физичка и психолошка исцрпеност кај возачите. Едно истражување споведено во САД покажува дека возачите кои се сами во автомобилот помалку прават паузи, помалку одмараат за време на патувањето и согласно тоа повеќе се изложени на ризик од замор, поспаност, дефокусираност и деконцентрација и со самото тоа се повеќе изложени на ризик од предизвикување на сообраќајни незгоди.
Имајки го оваа во предвид РСБСП со совети како да ја задржите концентрацијата и како да останете безбедни и тогаш кога сте сами повеќе часови позади воланот:
- Поставете си разумни граници и разумна цел пред патувањето. Лажната самодоверба и размислувањата од типот „ можам да возам 12 часа без одмор или можам да возам 800 километри без паузи“ оставете ги на страна. Бидете реални и умерени во поставувањето на целите и очекувањата затоа што безбедното пристигнување на крајната дестинација е вашиот врвен приоритет.
- Долгото возење сам во автомобилот предизвикува физичка и психолошка исцрпеност кај возачот. Во таква ситуација, за да ја задржите фокусираноста и концентрацијата, важно е да останете позитивни и да ја искористите оваа можност да заобиколите по патот од таму каде што вас најмногу ви се допаѓа, да застанете таму каде што најмногу посакувате, да ја слушате музиката или радио станицата која вие најмногу ја посакувате, да јадете или да одморите тогаш кога вие посакувате. Бидете позитивни и активни и на тој начин ќе останете концентрирани, енергични и ќе чувствувате помалку замор. Едноставно дадете му поголема содржина на вашето патување.
- Планирајте и организирајте го патувањето. Со оглед на тоа дека сте сами во автомобилот тоа значи и одлична можност да го организирате патувањето тогаш кога вас најмногу ви одговара, односно да патувате тогаш кога сте подготвени, одморени, кога ви се завршени сите обврски, кога ви е завршена техничка проверка на возилото, итн. Утврдете распоред на активности кој вас ви одговара и едноставно следете го.
- Пред да го започнете патувањето проверете ја навигацијата ( GPS или Google Maps, патна карта, и др. ) и утврдете ја маршутата по која ќе возите и споделете ја со вашите најблиски. Информирајте се за бензиските станици, хотели, реасторани, овластени сервиси, можностите да побарате помош на пат, итн. Информирајте се, и идентификувајте ги сите содржини, локации, објекти и знаменитости кои потенцијално би можело да ви бидат од потреба или од интерес да ги посетите додека патувате.
- Осигурување – бидете сигурни дека сте покриени и осигурани. Патничкото осигурување е секогаш важно но кога патувате сам тоа значи и дополнителна сигурност. Информирајте се за сите детали околу осигурувањето тоа може многу да ви помогне во непријатни и непосакувани ситуации. Проверете ги документите пред да тргнете на пат (возачка дозвола, сообраќајна дозвола, зелен картон, лична карта или пасош, банкарска картичка, полномошно итн.)
- Избегнувајте да патувате навечер и во раните утрински часови. Почитувајте го биоритамот на вашиот организам и на тој начин ќе бидете повеќе подготвени да патувате сам и да ја одржите способноста и концентрацијата за вешто и безбедно управување на возилото.
- Користете ја секоја пауза или одмор да комуницирате преку телефон или на било кој начин со вашите најблиски. На тој начин прво ќе ги информирате за вашата состојба и тек на патувањето а исто така тоа претставува одлична можност да ја разбиете монотонијата и да ја зачувате свежината и концентрацијата.
- Консумирајте повеќе течности (вода, овошни сокови, кафе, итн) и прилагодете го режимот на исхрана согласно вашите потреби. Избегнувајте консумирање на енергетски пијалоци затоа што консумирањето на енергетски пијалоци не значи внесување на дополнителна енергија во вашиот организам туку оспособување на организмот за дополнително исцрпување на енергијата од организмот па согласно тоа енергетските придобивки од користењето на енергетски пијалоци се моментални, а придонесуваат за дополнителна исцрпеност на организмот после само неколку часови.
- Проверете го сетот за прва помош, резервното тркало, мобилниот телефон, и др. Бидете секогаш подготвен и бидете достапни на вашите најблиски.
РСБСП со апел: Кога патувате сами, бидете подготвени и организирани, останете концентрирани и посветени на патувањето, не ги потценувајте ризикот и опасностите во сообраќајот и запомнете дека вашата примарна цел е безбедно пристигнување на саканата дестинација.