Можеби граѓаните кои на протестите говореа за предавства и создадоа тензии и не се толку чисти патриоти, можеби и зеле нешто, вели директорот на пратеничката група на СИРИЗА, Костас Захариадис во интервју за радиото на грчката новинска агенција, „Практорио 104.9 ФМ“, во однос на случајот со активностите на руските дипломати во северна Грција и информациите за обиди за поткуп.
– Заедно со мирните и демократски граѓани кои протестираа на демонстрациите, некои кои што создадоа бучава, тензии, кои велеа радикални работи, говореа за предавства, за национални предавства, можеби и не беа толку невини патриоти, можеби некои од нив и „зедоа нешто“, вели Захариадис и додава дека грчките граѓани кои се против Договорот од Преспа и сакаат да протестираат, треба да бидат внимателни со кого учествуваат во демонстрациите.
– Во овие групи, некои можеби и беа насочени и ова не ми изгледа воопшто патриотско, односно дека работат на служење на други стратешки интереси во регионот, коментира директорот на пратеничката група на СИРИЗА.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Захариадис во интервјуто објаснува дека во поширокиот регион постојат сили кои сакаат и сили, како што се Русија и Турција, кои не сакаат да се реши прашањето за името.
– Дали интервенирале и на начинот на кој интервенирале, дали ова ги надминува законските и воспоставените процедури на грчката држава, како што изгледа дека се случи и затоа беше даден и одговорот, секако тоа е прашање на кое се одговори политички со потребниот интензитет и тон, вели Захариадис.