Во Собрание неизвесно спроведувањето на договореното од лидерската средба

Сподели

Иако најавена, синоќа во Собранието на Република Македонија не се одржа седницата на која треба да се спроведе договореното на лидерската средба за изборот на членови на Државната изборна комисија, и за измените на законите за финансирање политички партии и за Влада со кои се предвидува техничка влада пред изборите според пржинскиот принцип.

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата со која претседава Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, вчера по лидерската средба ја почна постапката за избор на членови на ДИК со доставување на списокот кандидати кои се пријавија на огласот, до претседателот на Собранието Џафери, кој пак побара од партиите да се изјаснат кои кандидати ќе ги поддржат.

До полноќ иако најавуваа, формално список со свои кандидати до кабинетот на Џафери не доставила опозициската ВМРО-ДПМНЕ со што не можеше да продолжи постапката за избор на членови на ДИК која треба да го спроведе референдумот за Договорот со Грција.

Официјално, никој од партиите не соопштува зошто не се одржа седница за да се изгласа она што беше договорено на лидерската средба.

По вчерашната лидерска средба, премиерот Зоран Заев изјави дека иако нема договор за референдумот, ќе се почитува договореното за законите за влада односно и за финансирање на партиите, како и за изборот на ДИК.