Развојот на туризмот може да биде столб на нашата економија – Љупчо Јаневски

Сподели

 

Кога станува збор за туризмот, едно од најзначајните прашања што се наметнува е: како оваа стопанска дејност да стане главна, водечка гранка во економијата, што ќе придонесе за зголемување на вработеноста и за раст на економијата воопшто?

Според светските искуства и практика, туризмот во многу земји е значаен економски столб, кој многу придонесува за сеопштиот развој на тие земји. Имајќи ги предвид потенцијалите на Република Македонија во оваа област, соодветните институции треба да го даваат својот максимум за да се достигнат уште подобри и посолидни резултати. Предвидувањата на Светската туристичка организација што се однесуваат за растот на туризмот во 2018 година во Адриатик регионот, во кој се вбројува и Македонија, се пораст од 4% до 6%. Ова предвидување Македонија веќе го надмина, зашто, според статистичките податоци, растот во македонскиот туристички сектор во првите 5 месеци од годинава е зголемен за околу 20% во однос на истиот период лани. Охрабрувачки се резултатите и за директниот девизен прилив од туризмот во нашата економија, што за првиот квартал од оваа година во споредба со истиот период лани е зголемен за 26,5%.

Ова, секако, е резултат и на стратегиските мерки и потези на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), што се преземаат во доменот на развивањето пазари, стимулирањето на тур-оператори двојно да ги зголемат чартер летовите, но и на комплетно новиот пристап во промовирањето на Македонија како туристичка дестинација во светот. Тоа всушност значи, спроведување на таканаречениот 70/30 пристап во кампањата, односно 70% присутност во интернет промоцијата и 30% во другите класични медиуми.

Фокусот врз комуницирањето со нови целни групи туристи и промовирањето на активните форми на туризмот, веруваме дека ќе овозможат и директно поттикнување и раздвижување на локалниот економски развој, отворање нови работни места, како и финансиски ефект во локалната економија.

Република Македонија има идеални услови за создавање рамнотежа помеѓу започнатите форми на масовен туризам и алтернативниот одржлив туризам, во кој спаѓаат – агротуризмот, руралниот, еко-туризмот и авантуристичкиот со сите свои туристички атракции.

Во 2017 година Македонија ја посетија околу еден милион туристи, остварувајќи 2,8 милиони ноќевања, со директен инпакт во македонската економија од 327 милиони долари. Повеќе од 60% од вкупниот број ноќевања и посети се остварени во Скопскиот и во Југозападниот регион. Ова доволно укажува на потребата за развивање и на другите 6 региони во земјава со нови туристички содржини кои ќе бидат комплементарни, а не конкурентни со споменатите два региона.

Исто така, итно се наметнува и потребата од зголемување на капацитетите во руралните делови во Македонија и едукација на локалното население за можностите што ги нуди туризмот. Историјата, културата, разните манифестации, фолклорот, гастрономијата и други фактори ја позиционираат Македонија високо на листата на посакувани дестинации во регионот и во Европа. Ова прашање е детектирано и отворено при посетата на 25 општини во изминатите неколку месеци, при што во разговорите со градоначалниците ја дефиниравме нашата соработка и ја потенциравме поддршката од страна на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) за идните проекти.

Развивањето на микро-туристичките дестинации се основа за одржливост во туризмот и за негово влијание на локално ниво. Одредени општини во Македонија, како, на пример, Крушево, веќе ги чувствува благодетите од таквата соработка со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) преку рекорден број на посети, мотивирани од алтернативните форми на туризмот во овој град.

Според анализите и плановите за 2018 година, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, предвидува раст на планот на туризмот помеѓу 20% и 25%. Тоа би се постигнало со напорно работење и врз промовирањето и зајакнувањето на туристичкиот сектор. Во тие рамки е и спроведувањето на кампањата за промоција на Македонија како дестинација за 4 сезони.

Овие наши планови, предвидувања и визии не би биле возможни без заедничка соработка на сите фактори во сферата на туризмот. Во периодот што следи, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, како највисока владина институција од областа на туризмот, ќе биде активно вклучена во зајакнувањето на нашето присуство во регионот, како и во развивањето нови пазари, како што се – Германија, Шпанија, Романија, Чешка и други земји.

Зајакнувајќи ја регионалната соработка се надеваме дека наредната година, заедно со другите туристички организации од Балканот, ќе се претставиме и како една туристичка дестинација во далечните азиски земји. Во таа насока, неодамна во Скопје веќе имавме официјална средба со највисоки претставници од областа на туризмот на Србија и на Црна Гора, на која се дефинираа и нашите заеднички идни чекори на соработка.

(авторот е директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот)