Педесет и пет отсто од граѓаните сметаат дека поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, не си ја завршува добро својата работа и не заслужува реизбор, а 33 отсто сметаат дека заслужува повторно да се најде на таа функција, покажува најновото истражување на направено од Меѓународниот републикански институт (ИРИ).
Груевски, од 66 отсто поддршка во јуни 2008 година, падна на само 33 отсто.
За пет отсто опадналa довербата на Груевски и во споредба со претходното истражување во јануари 2016, кога 38 отсто од испитаниците сметале дека не заслужува реизбор, а 47 дека заслужува.
На прашањето „Доколку сите партии учествуваат на изборите, за која партија ќе гласате доколку предвремените избори се одржат денеска?“, 27 отсто од испитаниците би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, 18 отсто за СДСМ, 23 отсто биле без одговор, за ДПА би гласале 3 отсто, за ДУИ 6 отсто, а ливчето би го поништиле 9 отсто.
Во споредба со истражувањето направено во јануари оваа година, ВМРО-ДПМНЕ има намален рејтинг за 4 отсто, СДСМ има зголемен рејтинг за 3 отсто, а ДУИ има идентичен рејтинг.
Најдобар рејтинг од политичарите има Никола Груевски, за кого се одлучиле 21 отсто од испитаниците. Сепак, Груевски има пад на рејтингот за 2 отсто во споредба со јануари оваа година, кога рејтингот му бил 23 отсто.
Зголемување на рејтингот од еден отсто има кај Зоран Заев, кој според последното истражување има рејтинг од 9 отсто.
Али Ахмети, како во претходните истражувања така и сега, има рејтинг од 4 отсто, додека на претседателот Иванов му се намалил рејтингот од 4 на 2 отсто.
На прашањето „Дали ја поддржувате или не ја поддржувате одлуката на претседателот Иванов да ги помилува сите политичари и нивни соработници?“, 53 отсто одговориле дека целосно не ја поддржуваат, 14 отсто до некаде ја поддржуваат, 12 отсто одговориле „не знам“, 11 отсто дека до некаде не ја поддржуваат и 9 отсто дека целосно ја поддржуваат одлуката.
Високи 70 отсто од испитаниците сметаат дека политичарите што беа помилувани од претседателот за дела поврзани со политичката криза и со прислушувањето не треба да бидат кандидати за пратеници на претстојните парламентарни избори, а 12 отсто сметаат дека треба да бидат.
Работата на СЈО за решавање на скандалот со прислушувањето целосно ја поддржуваат 42 отсто од анкетираните, 21 отсто до некаде ја поддржуваат, 17 отсто целосно не ја поддржуваат, 12 отсто одговориле „не знам“, а 9 отсто до некаде не го поддржуваат.
Анкета на ИРИ: Паѓаат рејтинзите на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ, но сè уште водат