Убиство во косовската Агенција за разузнавање – осомничениот за убиството уапсен

Сподели

Убиство се случи претпладнево во зградата на Агенцијата за разузнавање на Косово (АКИ), каде што член на обезбедувањето усмрти свој колега, јави дописникот на МИА од Приштина.

Информацијата за порталот „калѕо.цом“ (kallxo.com) ја потврди заменикот јавен обвинител во Основното обвинителство во Приштина Ибрахим Бериша, најавувајчи дека во моментов може само да каже дека во зградата на Агенцијата е извршено убиство и дека обвинител е излезен на местото на настанот. Подетални информации Бериша најави за подоцна во текот на денот.

Обвинителот на приштинското Основно обвинителство Ибрахим Бериша потврди дека осомничениот за убиството што се случи претпладнево во Агенцијата за разузнавање на Косово (АКИ) е уапсен, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Се случи денеска, лицето кое беше рането почина. Имаме еден осомничен кој е уапсен, а кој се наоѓаше на местото на настанот, изјави обвинителот за приштинските медиуми.

Неофицијално се дознава дека осомничен за убиството е 40-годишниот Ваљон Ибердемај, член на агенциското обезбедување.

Со соопштение до повод убиството се огласи и АКИ, кое информира дека жртвата бил вработен во бифето на Агенцијата и им подлегнал на раните во приштинската болница.

– Денеска, на 04.09.2018, околу 09:10 часот, во објектот на Агенцијата за разузнавање на Косово се случи пукање со огнено оружје, при што службеник во внатрешното обезбедување пукаше во вработен во бифето, кој почина во Универзитетскиот клинички центар на Косово, соопшти АКИ.

Во соопштението се нагласува дека случајот не е поврзан со активностите на Агенцијата за разузнавање.