Новакоски: Избирачкиот список влијаеше на излезноста на Референдумот

Сподели

Александар Новакоски, адвокат и член на Експертскиот борд на ЦИВИЛ, заедно со Сашо Орданоски и Џабир Дерала, учествуваше во панел дискусија што ЦИВИЛ ја организираше веднаш по завршување на референдумот.

Според мене уште од самиот почеток кога се распиша референдумот се направија одредени пропусти, а тоа е дека кампањата започна од денот на самото распишување. Таа одлука на ДИК ја сметам за дискутабилна. Не беа донесени правилници за организирање на референдумската јавна пропаганда, бидејќи уште на самиот почеток се појавија дилеми дали е пропаганда или кампања. Исто така не се усогласи Изборниот законик со Законот за референдумот… но, не смееме да не забележиме дека со недонесување на тој правилник за тоа кој може да се јави како организатор на јавна пропаганда овозможи отворено да настапат во организирање на јавна пропаганда и групи кои не се никаде евидентирани, никаде не ги соопштиле изворите на средства и како се финансираат“, изјави Новакоски давајќи увид во некои од пропустите во организирањето на референдумот.

Новакоски зборувајќи за недоследностите во Избирачкиот список, се запраша коа ј методологија користеле надлежните органи за да бидат избришани оние гласачи на кои им истекла личната карта. Тој посочи дека треба да се направи анализа за која бројка на гласачи избришани по овој основ станува збор.

„Имате гласачи што не се нашле на Избирачкиот список, гласачи што биле на Избирачкиот список, но не им е дозволено да гласаат… дали се работи за исклучоци или се работи за одредена бројка која може да биде проблем во наредните изборни циклуси. Избирачкиот список се докажа дека е нереален и оваа бројка што беше запишана да биде цензус, да речеме, за одлучувачки референдум, може да се случи да претставува секогаш проблем“, изјави Новакоски.

Новакоски го постави и прашањето за улогата на дијаспората во изборните процеси.

„На локални избори не се гласа, а на референдумот се дозволи дијаспората да гласа, но и на парламентарните избори беше катастрофален одѕивот на дијаспората. Сега никој не сака да се измени законот, на пример, кој нема влез во последните 10 години во државата, да се избрише од списокот. Ако таков потег не се направи, ни повторно ќе правиме список кому како му одговара… во методологијата не може да се греши…“, истакна Новакоски.

civilmedia.mk