УНДП – Агенцијата за развој на Обединетитие нации ќе учествува со своја експертиза во изготвувањето на закон за заштита на парк-шумата Водно, со што треба да се заокружи заштитата на ова подрачје од витално значење за град Скопје. Тие, исто така, на своја иницијатива, ќе учествуваат во подготвувањето на закон за заштита на пределот на Матка.
– Ангажманот на УНДП е во рамките на проектот “Подобрување на управувањето со заштитените подрачја” кој има за цел да ја подобри заштитата на природата и да промовира одржливо користење на природните ресурси – вели Методија Саздов, проектен менаџер во канцеларијата на УНДП во одделот за енергија, животна средина и менаџирање на ризици од природни катастрофи.
Во поглед на тоа каков режим и степен на заштита се предвидува да добијат Водно и Матка, според Саздов, УНДП нема да одлучува, која категорија на заштита ќе биде избрана и кои ќе бидат границите на заштитеното подрачје, туку тоа треба да произлезе од студиите. Поради ова, Законот за Водно, најавен од Владата уште кон крајот на август, и ветен од страна на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, нема да може да биде изготвен во предвидениот рок, кој измина уште минатиот месец.
– Ревизијата и подготовката на Студијата за валоризација на Матка и Водно како заштитено подрачје, нема да биде завршена за еден месец туку еден разумен рок во кој ќе може да се направи мониторинг на живеалиштата на флората и на фауната на Матка и Водно. Студијата за валоризација предвидува дополнување на инвентарот на природни живеалишта од национално и ЕУ значење, изработка на карти за дистрибуција на живеалишта, утврдување на предлог граници на зоните на заштита, социо-економска анализа, како и анализа на планирани проекти и усогласување на границите на парк шума Водно со планската документација. Дополнително УНДП ќе го поддржи самиот процес на донесување на Законот за Водно и ќе поддржи воспоставување на тело за управување на заштитеното подрачје – вели Саздов.