На 17. октомври се одржа средба меѓу тимот на “Една може!” застапуван од Дороти Пачкова и координаторката на Клубот на пратенички, Ѓулумсер Касапи, во Женската соба на Клубот на пратенички во Собранието на Р. Македонија.
Во склоп на активностите од проектот на “Една може!” „Еднакви права и можности за самохраните мајки“ кој е од истражувачки карактер од кој ќе произлезе прва сеопфатна анализа за состојбата на самохраните мајки во Македонија и можни решенија за подобрување на структурните проблеми на самохраноста кај нас, беа одржани серија работни средби со примарните чинители на локално и државно ниво, меѓу кои и средбата со претседателката на Клубот на пратенички на која беше претставена досегашната работа на организацијата како и перспективите за соработка во сооднос со моменталните општествени текови и реалните потреби на социјалната група.
Оваа средба е прва по отворањето на Женската соба во Собранието на 10. октомври. Со средбата се следи и мисијата на Клубот на пратенички – делување со заедничка цел – преку законски решенија да се постигне родова еднаквост и унапредување на правта на жените, нивно активно вклучување во процесот на одлучување во државата, и поттикнување на сите жени кон нивните права и можности во едно патријархално општество.
Заклучоците од истражувачкиот проект на “Една може! ” во форма на анализа и полиси бриф со препораки, ќе бидат презентирани на тркалезна маса на која збор ќе земат експерти во полето, раководители на надлежни институции, универзитетски професори и претставници на извршната власт релевантни на проблематиката, закажана на 30. октомври.