ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе одржи Централен комитет

Сподели

ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе одржи Централен комитет, соопштија од партијата. Ќе се зборува за политичките случувања и за тоа што се случи во петокот во Собранието.

Во пресрет на вечерашната седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, која доаѓа откако во Парламентот мина првата фаза во процесот на уставни промени, со поддршка од 8 пратеници од опозициската партија и коалиција, дел од влијателните пратеници на ДПМНЕ му изразија поддршка на партискиот лидер, Христијан Мицкоски.

Пратеникот Илија Димовски пак порача дека нема да учествува во ниту една нова фингирана битка и пресметка во ВМРО-ДПМНЕ.

-За жал, сега веќе е видливо, дека партијата се движи кон изолација, и спрема надвор, и спрема сите други политички фактори во државата, но и спрема сите свои членови кои за едни, други или трети теми имаат различно мислење од претходното и од сегашното раководство, – изјави Димовски.

Екс-директорот на УБК и поранешен висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков вели дека не е време за создавање поделби и е потребно единство како никогаш до сега.

-На денот на мојата оставка од сите партиски функции минатата година, немам учество во какво било својство и форма во работењето на политичката партија во која сум поминал децении. Оттука, отфрлам било какви шпекулации за мое влијание врз претседателот на партијата, органите на партијата, пратениците или која било друга организациска структура во нејзин состав, вели Мијалков во интервју за Прес 24.