Нефункционалните мерни станици за загадување со ПМ10 честички во Лисиче и Гази Баба ја оневозможуваат Влада на Република Македонија да ги активира интервентните мерки против аерозагадувањето, велат од „Скопје смог аларм“.
„Согласно уредбата, доколку среднодневната концентрација на ПМ10 честички е над 200 микрограми на кубен метар во два последователни денови во најмалку две мерни станици во Скопје, тогаш стапуваат на сила мерки како ослободување од работни обврски на бремени жени, постари лица, лица со хронични заболувања, потоа воведување на бесплатен јавен превоз, дневно чистење на улиците, зачестени инспекции, посебен сообраќаен режим итн. Фактот што мерните станици за ПМ честички во Лисиче и Гази Баба се нефункционални во екот на загадувањето, укажува на несериозен пристап кон проблемот од страна на надлежните“, стои во соопштението од „Скопје смог аларм“.
„Мета“ во неколку наврти пишуваше дека граѓаните со месеци не можат реално да се информираат за нивото на загадување на воздухот во дел од најзагадените подрачја во земјава. Во скопските населби Гази Баба и Лисиче мерните станици работат селективно, па така, инструментот за мерење на ПМ10 честички во Гази Баба е исклучен од 14 август оваа година односно, а во Лисиче од 5 октомври односно два месеци.
Нефункционирањето на инструментите за ПМ10 честички на мерните станици нема да биде прикажано како намалување на загадувањето на воздухот во годишните извештаи, изјави заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули како одговор на новинарско прашање на „Мета“.
– Не, нема да бидат прикажани како намалување на загадувањето бидејќи не работат. Сакам да го потенцирам уште еднаш Планот за чист воздух кој се справува со загадувачите. Дали мерната станица покажува 100 или 150 микрограми на кубен метар е важно, но најбитно е да го спречиме тој што предизвикал 150. Планот се базира токму на тоа, како да го решиме загадувањето – вели Макрадули.
Тој информираше дека со Планот се предвидува во 2019 година да се набават комплетно нови инструменти за веќе постоечките 18 мерни станици. Во мониторингот ќе има предвидување во реално време, односно тридневна проекција на загадувањето.
Последното мерење на станицата во Лисиче за ПМ10 честички било на 5 октомври во 8 часот утрото кога мерната станица покажа 137 микрограми на кубен метар. Три часа претходно во 5 часот утрината покажала 629 микрограми, во 3 часот после полноќ 382 микрограми, а во 1 часот 259.