Грчкиот премиер Алексис Ципрас на денешната средба во претседателската палата во Атина со словенечкиот претседател Борут Пахор изразил задоволство што кај „северниот грчки сосед“ бргу напредува на планот на уставните измени.
Истовремено, Ципрас лобирал кај словенечкиот државник дека „земјата која сега ја нарекува според уставното име, односно како Македонија, во иднина ќе треба да ја викаат „Северна Македонија“.
Ципрас се пофалил дека на Балканот Грција преку иницијативи работи на подобрување на соработката, но најбитно „преку многу важниот договор потпишан со БЈРМ во 2018 година, известува грчкиот весник „Катимерини“.
– Тоа значи дека Вие, и Словенија, која е една од земјите што ги признаваат нашите соседи под нивното уставно име, односно „Македонија“, отсега ќе ја признавате и ќе ја нарекувате „Северна Македонија“, оти тоа е многу важно за грчкиот народ, бидејќи Македонија, освен што е голема географска област во Грција, регион на Грција, е исто така важен дел од древната грчка историја, а тоа се признава во овој договор, за кој се надевам дека е со изедначена согласност на двете страни – му рекол Ципрас на словенечкиот претседател.