Христијан Мицкоски: Полицијата минатата недела упадна во домовите на петнаесетина активисти и отворени поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ

Сподели

Зачестено пишувам за фактите кои го разголуваат црното владеење на оваа Влада. Но ова за што пишувам денес, не е само статистички податок, туку многу повеќе од тоа, суров факт за болната реалност во нашата земја и како владата ја гуши слободната мисла и крикот на граѓанинот против овие црнила кои надвиснале на нашата земја.
Морам да кажам дека пред да ги споделам фактите имаше размисли од моите соработници да не се отворам премногу затоа што може тоа да предизвика резервираност кај граѓаните, но јас како човек, но и како водач на ВМРО-ДПМНЕ имам обврска да се држам до вистината, и искрено верувам дека карактерот на Македонецот е пред се пркост кон неправдите, и суштината на неговото постоење е безусловна борба за слободата, против сите оние кои ќе ја потиснат, извалкаат или ќе пробаат да ја одземат.
На последниот протест пред владата само споменав, но денес пишувам подетално за работите кои не ги ветија, но ги остваруваат. Министерот за прогон и тортура Спасовски со политички контролираниот дел од полицијата (значи не оние чесни полицајци кои работат за плата,туку оние на кои им се делат политички задачи) минатата недела упаднаа во домовите на петнаесетина активисти и отворени поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, значи не поранешни или актуелни функционери, туку обични, лојални членови на партијата, кои отворено застанаа против црното владеење на Заев и СДСМ незадоволни од она што се случува во нашата држава. Со специјалци, огнено оружје во домовите на честити луѓе, домаќини, но однеднаш за соседите, и согласно употребената полициска сила стануваат сомнителни поединци за кои има “сомнеж за антидржавно делување”. Еден од нив има три деца, а можете да замислите каков надреален трилер е само за неговите малолетни деца кога специјалци вооружани прават претрес во детската соба затоа што единствен грев на неговиот татко е што мисли поразлично од власта, другиот го задржале во полициска станица зошто имал чаура зачувана од неговата свадба пред повеќе од десетина години, другиот сомнително им изгледал, а тоа според полицијата на Спасовски е тешко кривично дело во обид. Ако на комунистичкиот режим во првите години од минатиот систем им требало барем тројца сведоци, денес на Кацарска судството и Рускоска обвинителството не им треба ниту тоа, доволна е некоја измислена белешка или некое темно мастило од владиниот кабинет да прешкрта некој кој ја говори вистината, или некој нарачан обвинет кој уценет ќе каже се што тие сакаат. И тука ќе испратам една порака до оние од власта и до самиот премиер, нема лезет од таква власт, нема, што би рекле старите аир од такво црно владеење. И не знам како не гледаат дека колку тие повеќе продолжуваат со притисоците со егоистичното самозадоволување од гледањето на туѓата мака, народот станува порешителен, поброен и исправен пред предизвиците. Зад таквата неумерена разузданост на власта се крие всушност голем страв. Ако не се овие методи, тогаш многу побрзо ќе се постави прашањето поразително за оваа власт, што сработеа, зошто живееме полошо и каде одат парите кои се трошат, бидејќи производ, некое добро за народот не останува?
Еден од тие кои беа на мета на таквиот скорешен прогон ми вели, јас не се плашам, зошто јас сум на страната на вистината, но можев да видам дека оние гавази од власта се плашат повеќе, треперат, затоа што секој почеток има и крај, а нивниот доаѓа за скоро. И тоа ми го кажа рамо до рамо протестирајќи вчера повторно пред владата, но овој пат вика тоа го правам со поголема енергија затоа што го распламтија незадоволството. Затоа ќе порачам дека Власта треба да биде свесна дека може да уапси 10, 20 луѓе, и така ќе ги чини задоволни оние 100, 200 најзапалени луѓе од власта, но ниту една власт, а најмалку оваа може да уапси цел народ. И во моментите кога ги прават овие неправди може навистина мислат дека остваруваат некакви краткорочни победи, но дури тогаш треба да знаат дека тоа се нивните најсилни порази. Овие црнила ќе бидат победени, затоа што зората ќе изгрее за сите, а светлината ќе биде посилна од ова црно владеење.
Јас нема да ветам чуда, но ќе ветам победа над црнилата од оваа влада.
Се гледаме во недела на Протестен марш во Кочани, и наредната среда во Скопје.