Меѓународна изложба на Екс либрис Скопје 2018

Сподели

На 20 декември во Отворено графичко студио ќе се одржиа 4-та Меѓународна изложба на екс либрис Скопје 2018.

После 6 години и 3 успешни биенални собири што овозможија уметниците од целиот свет да се соберат и да создадат еден виртуелен но и физички графички свет што опстојува според свои сопствени услови и во свој микро-универзум, може да се каже дека екс либрисот орбитира со полна пареа и се развива и расте понатаму.

Глобалното екс либрис семејство е огромно и нè осветлува со својот специфичен идио-синкретизам и колорит. Но, шареноликоста на екс либрисот често не произлегува од вообичаените светли или силни бои, туку пред сè лежи во чистотата и убавината на неговите сиви нијанси, кои се една од најделикатните особености на графичкиот свет.

4-та Меѓународна изложба на екс либрис Скопје 2018 е дом на околу 100 уметници и 237 уметнички дела – разновидни и впечатливи, еклектични и пристигнати од сите страни на светот. На наша адреса пристигнаа повеќе од 250 дела од над 100 автори од 26 различни земји и мораме да кажеме дека сме воодушевени од високиот квалитет и посветеноста на многуте одлични автори. За ова 4-то издание на Меѓународната изложба на екс либрис Скопје 2018, Русија, Полска и Турција се најзастапените 3 земји со најголем број на автори кои учествуваат со своите дела.

Меѓународна изложба на екс либрис Скопје, го става Скопје на графичката карта на главните градови и останатите градови ширум светот, заедно со Варна, Кадакес, Синт – Никлас, Истанбул и други, кои го негуваат и прошируваат екс либрис семејството, зацврстувајќи ги нишките што нè спојуваат и нè прават поблиски во овој огромен, превирачки, а сепак прекрасен и разновиден свет.

Би сакале уште еднаш од се срце да им се заблагодариме на сите прекрасни уметници кои годинава ги споделија нивните екс либрис дела со нас, но и да ги охрабриме и останатите да ни се придружат кога ќе се случи следната биенална изложба, во 2020 година.