За граѓанскиот сектор измените на Законот за јавни претпријатија се нелогични, неквалитетни и погрешни

Сподели

Предложените измени на Законот за јавни претпријатија, меѓудругото предвидуваат јавните претпријатија да добијат заменици директори наместо како досега, во отсуство на директорите, нив да ги заменуваат определени заменици кои се веќе вработени во претпријатието.

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, Центарот за управување со промени (ЦУП) и Центар за граѓански комуникации, реагираат против измените на овој закон и бараат повлекување.

„Измените на закон од ваков карактер е потребно да бидат поткрепени со сеопфатна анализа која навистина ќе ја докаже потребата од ваква функција. Предлогот кој е на дневен ред во Собранието не содржи соодветна анализа. Логиката на ваквата промена е погрешна. Имено, постоечките критериуми за избор на директор, а сега и заменик директор на јавно претпријатие, се ниски и овозможуваат вработување на раководство кое не неопходно има повисоко искуство од постоечките вработени. Според важечкиот закон, во кој директорот, во негово отсуство назначува вработен како замена, значи поголема шанса некој со поголемо искуство да раководи со претпријатието“, се вели во реакцијата.

Во неа се додава дека постои системски недостиг на транспарентност при изборот на директори што дополнително ги зајакнува ризиците од политички клиентелизам.

„Oваа иницијатива во целост се коси со заложбите за реорганизација и рационализација на големината на јавниот сектор, која ја најавува Владата. Финансиските импликации за воведување на вакви позиции може да се претпостави дека би изнесувале околу два милиони евра годишно на товар на граѓаните, ако се земе во предвид дека во државата постојат 129 јавни претпријатија. Од податоците кои се јавно достапни, во 22 од овие 129 јавни претпријатија има помалку од 10 вработени. Ако се земе во предвид дека сите овие јавни претпријатија покрај директор има и управен и надзорен одбор, тоа значи дека поголем е бројот на избрани и именувани лица, од бројот на вработени кои се носители на дејноста. И сега наместо да се направи рационализација, односно да се намалат бројот на функции, се воведува нова дополнителна функција“, реагираат здруженијата.

Од таму додаваат дека доколку пак се анализира рентабилноста на јавните претпријатија, квалитетот на услугите кои ги даваат, задоволството на граѓаните од овие услуги, начинот и постапката на избор на членови на управни и надзорни одбори, како и квалитетот на нивната работа, се доаѓа до заклучок дека е нужно да е пристапи кон квалитативно и системско решавање на проблемите со јавните претпријатија, а не да се воведуваат дополнителни функции.

meta.mk