Обемен процес на „vetting“ (проверка и прочистување) во Министерството за внатрешни работи (МВР) е планиран да почне следната година, за што допрва ќе се изготвува законската рамка, а во овој процес сакаме да ја вклучиме и јавноста, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешниот брифинг со новинарите. Тој посочи дека за ваквиот процес на проверка на секој вработен во МВР веќе се известени дел од вработените.
– Идејата е конечно да се воведат вистински стандарди и конечно да се стави крај на многу неправилности, за кои сме сведоци досега. Ќе изготвиме законска рамка и сакаме во тој процес да ја вклучиме и стручната јавност и новинарите, како претставник на јавноста, за да добиеме едно вистинско решение за контрола – рече Спасовски, напоменувајќи дека законското решение ќе се изготвува, покрај со домашната јавност, и со дел од меѓународната заедница.
Тој појасни дека идејата на прочистувањето е да се проверува и личното досие на вработените во полицијата – од чистачка до министер – ќе се проверува дали навистина вработениот се стекнал со соодветно образование, како бил вработен во МВР и како напредувал до позицијата што ја има, но и ќе се следи имотната состојба, а ќе се проверува и кој колку престапи направил, како и тоа дали некој истовремено и е полицаец и сопственик на кафеана или камион.
– Полицијата треба да биде вистински сервис на граѓаните и за тоа мора да ги правиме вистинските проверки. Јас лично не верувам дека е в ред некој да биде и полицаец и да има кафеана, да биде полицаец и да има агенција за обезбедување, или камион, на пример – рече Спасовски.
На новинарско прашање дали ваквиот нов пристап значи признание дека Внатрешна контрола во МВР не си ја врши работата, министерот за внатрешни работи рече дека новиот процес на прочистување ќе мора да зафати со некои работи коишто Внатрешна контрола сега сепак не може да ги сузбие до крај.
– Иако, морам да кажам, сепак тие си ја работат работата и само во последнава година имаме многу повеќе постапки отколку во 11-те години на претходната власт – рече Спасовски.