По повод одбележувањето на големиот христијански празник Водици (Богојавление), претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, денеска /19.01.2019 година/ присуствуваше на положувањето на светиот Крст во водите на реката Вардар, од Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кое се одржа на мостот Слобода.
Точно на пладне, околу сто и педесет учесници скокнаа по светиот Крст во
осветените води на реката Вардар. Меѓу нив, најбрз и најсреќен беше Кристијан
Нинески. Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, претседателката на
Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева и преостанатите присутни, му честитаа на
Кристијан Нинески за подвигот, и пожелувајќи му понатамошен успех во
реализирањето на сопствените замисли, му подарија и пригодни подароци.
Дваесет и пет годишниот Нинески по шести пат учествува на оваа традиционална
манифестација, а крстот го фаќа за првпат.
Јанчева, од името на Град Скопје, на Кристијан му подари македонска резба
во орев – афионово гранче.