Шилегов: Ново јавно претпријатие задолжено за третман и благосостојба на уличните животни

Сподели

Градоначалникот Шилегов донесе одлука од денеска да почне постапка за формирање ново јавно претпријатие кое ќе биде задолжено за третман и благосостојба на уличните животни, со што стационарот „Вардариште“ ќе биде минато.

Стационарот „Вардариште“ повеќе нема да биде во надлежност на ЈП „Комунална хигиена“, туку ќе добие еднаков статус со другите јавни претпријатија кои се занимаваат со комуналните дејности во градот -хигиената, паркирањето, одржувањето на парковите и зеленилото и јавниот превоз на патници. Новото јавно претпријатие под своја надлежност во целост ќе ги преземе активностите за заловување на животните скитници, стерилизација, ветеринарната грижа, регистрирањето и процедурите за вдомување од заинтересираните граѓани – рече на денешната прес- конференција градоначалникот Шилегов.

Процедурите околу формирањето на новото претпријатие течат паралелно со процесот на чипирање на домашните миленици. Целта е во истовреме да се стави под контрола механичкиот прилив на кучиња на улиците, предизвикан од неодговорни сопственици, и да се почне процесот за воведување нов системски пристап во третманот на животните скитници.

Овој проблем бара вклучување на повеќе институции на локално и на национално ниво и вклучување на граѓанските активисти и здруженија, со цел бројот на кучињата скитници да биде сведен на минимум на начин што ќе обезбеди нивна благосостојба, но исто така ќе гарантира безбедно и непречено движење на граѓаните на јавните градски површини.

Притоа потребно е да се има предвид дека Скопје не е изолиран остров и дека едностран пристап во решавањето на проблемот од градската администрација нема да води до посакуваната цел во насока на надминување на постојната состојба. Треба да знаеме дека миграцијата на кучињата не се решава со правилници, закони, стерилизација, туку со одговорно однесување на сите надлежни институции. Ова значи дека не постои инстант решение со кое
кучињата ќе исчезнат од улиците, но тоа не е и не смее да биде изговор на институциите да бегаат од решавањето на овој проблем, туку напротив, со еден координиран системски пристап да се прифати предизвикот да се изнајде одржливо решение – кажа Шилегов.

Паралелно со подготовката на административните процедури за основање на новото јавно претпријатие Град Скопје ќе се консултира со здруженијата за заштита и унапредување на правата на животните за формата и начинот на нивното вклучување во целиот концепт бидејќи нивната стручност и искуство можат да бидат максимално искористени во полза на благосостојбата на овие животни.

Новото јавно претпријатие ќе биде основано со буџетски средства на Град Скопје, оние што досега сме ги давале ќе ги зголемиме, како и средства од ЈП „Комунална хигиена“. Во работата на новото претпријатие ќе се вклучи дел од постојниот персонал, а искрено се надевам дека професионално и волонтерски ќе се вклучат и активисти од здруженијата за заштита на животните – додаде Шилегов.

Градоначалникот ги потсети и ги повика граѓаните дека и сега од вторник до сабота, во терминот од 09  до 13 часот, можат да го посетат
стационарот „Вардариште“ и да си одберат куче за вдомување. Притоа, кучињата што се определени за вдомување, на граѓаните им се отстапуваат истретирани, вакцинирани и без никаков паричен надоместок. Секој граѓанин што вдомува куче,
мора да пополни формулар со своите податоци и да се обврзе дека ќе биде одговорен сопственик, почитувајќи ги постојните закони.
На новинарско прашање на темата, градоначалникот Шилегов одговори дека се уште не е одлучено за името на новото јавно претпријатие, ама негова желба е претпријатието да се вика „Лајка“ – кучето што го смени човештвото, а коешто е земено од улиците на Москва. Според него тоа име би била одлична симболика за новиот концепт во згрижувањето на уличните кучиња.