Македонските граѓани ќе можат да се пријавуваат на огласите за работа во НАТО

Сподели

Македонските граѓани ќе можат да се пријавуваат на огласите за работа во НАТО под исти услови како и жителите на останатите членки на Алијансата, а полноправното членство носи и одредени квоти за вработувања на цивилен и воен персонал чија селекција ќе се врши кај нас.

Во „Службен весник“ веќе е објавен указот на претседателот Ѓорѓе Иванов за назначување на двајца офицери на позиции во НАТО и во Република Франција. Бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски е поставен за воен претставник на Републка Македонија при НАТО во Брисел. Во Франција за одбранбено аташе Иванов го назначи полковникот Марио Јуришиќ.

Од Министерството за одбрана објаснуваат дека согласно процедурите на НАТО, најголемиот дел од цивилниот персонал кој работи во телата на НАТО се бира по пат на отворен оглас кој што се објавува на веб-страницата на Алијансата. Постапката се спроведува од страна на надлежните служби на НАТО.

„Финансирањето на оваа категорија на персонал не е национална одговорност бидејќи се финансира од еден од буџетите на НАТО. Жителите на сите земји членки може да конкурираат под подеднакви услови – официјално не постојат национални квоти. Одреден (мал) број на цивилни позиции се пополнуваат со т.н. Seconded Staff или VNC (Voluntary National Contribution). Ова е категорија на цивилен персонал селектиран по национални критериуми, национално се финансира и се упатува на должности во телата на НАТО во оние области каде што постои одреден „национален интерес” на позиции/работни места договорени/утврдени со надлежните во НАТО“, велат од Министерството за одбрана.

Оттаму додаваат дека воениот персонал кој се упатува на должности во телата на НАТО е национална одговорност. Секоја од земјите членки добива одредена квота на позииции/работни места кои треба да ги пополни. Позициите се бираат согласно квалификациите на воениот персонал и потребите на НАТО. Кога одредена земја добива одредена позиција нејзиното пополнување постанува долгорочна национална одговорност.

„Селекцијата и финансирањето на воениот персонал, исто така се национална одговорност. Ротациите на воениот персонал начелно се на секои три години. Се очекува дека во рамките на воената структура на НАТО, РСМ ќе добие 20 перманентни позиции за офицери и подофицери и 1 позиција на бригаден генерал која би се пополнувала на секоја втора ротација“, информираат од Министерството.

Покрај споменатите категории на цивилен и воен персонал кој работи на “меѓународни должности” во телата на НАТО, постои категорија на цивилен и воен персонал кој работи на “национални должности” во Постојаната мисија во Седиштето на НАТО во Брисел, Кралство Белгија и во двете стратешки Команди на Алијансата – Сојузничката Команда за операции (ACO-Allied Command Operations) со седиште во Монс, Кралство Белгија и Сојузничката Команда за трансформации (ACT-Allied Command Transformation) со седиште во Норфолк, Вирџинија, САД.

„Се планира бројката на персоналот во Мисијата во Брисел да биде до 15 лица (цивилен и воен персонал, административни службеници, офицери и подофицери), во Монс се планира да се упатат до 6 лица воен персонал – офицери и подофицери и 1 офицер во Норфолк. Селекцијата и финансирањето на оваа категорија на персонал е национална одговорност. Внатрешната процедура на селекција се одвива во рамки на Министерството, а конечниот избор го врши министерот за одбрана. На предлог на Министерството, претседателот донесува указ за воениот претставник во НАТО со чин генерал“, објаснуваат од Министерството.

Инаку, платите за работните места во НАТО лоцирани во Белгија се движат од 2.729 до 23.273 евра во зависност од степенот на работното место.

Според фискалната стратегија на Република Македонија за 2019-2021, Министерството за финансии предвидува дека буџетот на одбраната ќе расте по околу 200 милиони денари или 3,2 милиони евра годишно во следните три години. Одбраната до 2024 година треба да добие двојно повисок буџет, кој треба да изнесува 2 отсто од бруто домашниот производ.