Владата на денешната седница го усвои Предлог-законот за Јавното обвинителство во кој е регулиран статусот, автономијата и надлежностите на СЈО, информираат од министерство за правда.
Предлог-законот предвидува СЈО да биде автономно, но хиерархиски подредено под државното Јавно обвинителство и да се застапува самото во прв и втор степен пред судовите, а во трет степен пред Врховниот суд тоа да го прави обвинител од ЈОРМ.
Мандатот на шефот на СЈО и на обвинителите ќе биде идентичен како и во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Предистражните постапки што ги почнало СЈО може да ги преземе и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во согласност со надлежноста.
„Предметите на СЈО за кои се поднесени обвиненија до 30 јуни 2017 година, како и предметите кои се наоѓаат во фаза на судење врз кои е воспоставена надлежност согласно член 11 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, продолжува да ги застапува Специјалното јавно обвинителство. СЈО продолжува да ги спроведува обвиненијата и истражните покренати по 30 јуни 2017 година до влегувањето во сила на овој закон“, информираат од министерството.
Материјалите од незаконското следење на комуникациите односно „бомбите“, СЈО може да ги обработува најдоцна до 15.09.2020 година и може да се користат како доказ само во предметите за кои се поднесени обвиненија до 30 јуни 2017 година.
„Материјалите од незаконското следење на комуникациите кои не се дадени како докази во судовите ќе се чуваат во Специјалното јавно обвинителство една година по правосилното завршување на сите постапки што се водат за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, а ќе бидат уништени согласно одредбите за уништување на материјалите од посебните истражни мерки, согласно закон. Записниците за уништување задолжително се доставуваат до јавниот обвинител на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението.
За да се донесе законот потребно е во Собранието да се обезбеди двотретинско мнозинство од најмалку 80 пратеници.