Потпишаната спогодба меѓу министрите Никола Димитров и Сиа Анагностопулу за отворање на новиот граничен премин во регионот на Преспанското езеро, Маркова нога – Лемос, наиде на позитивни реакции во Грција – пренесе МИА.
Алтернативната шефица на грчката дипломатија, префектот на периферијата Западна Македонија, како и градоначалникот на Преспа, го изразуваат нивното задоволство за спогодбата и коментираат дека со тоа, се дава позитивен одговор на долгогодишните барања на жителите во областите близу до границата со Република Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.
Сиа Анагностипулу, алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, по посетата на Скопје, за грчката новинска агенција АНА-МПА вели дека спогодбата е првиот чекор што ја покажува важноста на Договорот од Преспа.
-Отворањето на граничниот премин во Лемос, Преспа, е првиот важен чекор што на симболично, но и на реално ниво (економско, културно, еколошко) ја покажува важноста на овој историски Договор од Преспа. Отворањето на овој премин го посакуваа многу жители на регионот на Флорина, а ќе следи уште еден во Аридеа, Пела, вели Анагностопулу.
Градоначалникот на Општина Преспа, Панајотис Пасхалидис, преку писмена изјава го изразува неговото задоволство од потпишаната Спогодба и изразува надеж и очекување дека набргу спогодбата ќе се интегрира во законите на земјата и ќе има најширок можен консензус од политичките сили во Грција за ова едногласно барање на жителите на Преспа.
-Ова е голем ден за Преспа, по 52 години, повторно се отвора граничниот премин во Лемос, вели градоначалникот на Преспа, и додава дека општината, во соработка со периферијата и војската веднаш ќе работи на спроведување на спогодбата.
Префектот на грчката област Западна Македонија, во чија надлежност е и општината во која ќе се отвори граничниот премин, Теодорос Карипидис за АНА-МПА вели дека стана реалност една од најголемите развојни опции на регионалната власт, „од моментот кога го презеде управувањето во областа Западна Македонија” и на која работеле со предлози и претставувања до грчката Влада и Министерство за надворешни работи.
-Следниот ден за периферијата и за односите со Северна Македонија и Албанија е многу поразличен по меѓудржавната спогодба за отворање на граничниот премин во Лемос кај Преспа, вели Карипидис и додава дека ќе тоа го подигне развојот во регионот на Преспа.
Во четвртокот, на ден пред потпишувањето на спогодбата во Скопје меѓу Димитров и Анагностопулу, во периферијата Западна Македонија се одржа посебен состанок за координација на активностите и за финализирање на процедурите што се однесуваат на отворањето на граничниот премин.
Карипидис, на состанокот истакнал дека станува збор за голема иницијатива на периферијата, по барањата на луѓето и од двете страни на границата кои „сакаат да комуницираат и да соработуваат и да помогнат во приближување на односите и развој на туристичкиот производ”. Тој додал дека веќе имаат обезбедено пет милиони евра од меѓудржавни програми за инфраструктурата.