Терористички напад врз две џамии во Нов Зеланд – 40 загинати

Сподели

Четириесет лица загинаа, а 20 се тешко повредени во напад врз две џамии во Крајстчрч во Нов Зеланд, кој се случи за време на попладневните молитви. Австралиецот Брентон Тарант (28) отворил оган од автоматско оружје, а сето тоа директно го пренесувал на „Фејсбук“.

Претходно на „Твитер“ напаѓачот објавил манифест од 74 страни зошто го прави тоа. Себе си се опишува како обичен белец, роден во Австралија, припадник на работничката класа од скромно семејство. Вели дека прво „фрлил мерак“ на џамија во градот Дунедин, но, сепак, се одлучил за Крајстчрч, бидејќи таму имало повеќе „окупатори“.

Четири осомничени во моментов се во притвор, меѓу кои и една жена, а објектите остануваат затворени, додека полицијата ги повика џамиите во Нов Зеланд да ги затворат вратите до крајот на денот. За еден од приведените е потврдено дека е австралиски државјанин.

Премиерката на Нов Зеланд Џасинда Ардерн соопшти дека најмалку 40 луѓе се убиени во напади во две џамии во градот Крајстчрч.

– Ова е еден од најтемните денови во историјата на Нов Зеланд. Она што се случи овде е досега невиден чин на насилство – истакна премиерката Ардерн.

Таа додаде дека повеќе од 20 лица се ранети, од кои повеќето со сериозни повреди. Меѓу нив има и деца.

Полицијата потврди дека има „значителен“ број жртви, но не го прецизира нивниот број. Во соопштението наведува и дека откриле неколку импровизирани експлозивни направи оставени под автомобили.