ЕЦРИ за Македонија: Политичарите јавно да го осудат говорот на омраза

Сподели

Sovet-na-Evropa

Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕЦРИ) при Советот на Европа во својот најнов извештај за Македонија, објавен на 7 јуни, оценува дека во земјава постојат прашања што предизвикуваат загриженост и ги повикува политичките лидери јавно да го осудат говорот на омраза.

Во извештајот се истакнува дека и покрај напредокот на одредени полиња изминатите неколку години, сепак Кривичниот законик на земјава сè уште не ги исполнува препораките на ЕЦРИ за борба против расизмот и расната дискримнација, а недостатоци и празнини има и во рамките на граѓански и управни законски одредби.

„Етничките тензии помеѓу двете најголеми заедици во земјата се високи и говорот на омраза на расна основа е широко распространет проблем, кој останува во голема мера игнориран што креира атмосфера во која може да се случи насилство на расна основа“, се наведува во извештајот.

 

Во него, се додава дека степенот на нетолеранција кон ЛГБТ-лицата е на алармантно високо ниво и нема ефикасна превенција на насилството и на омразата кон овие лица и казни од страна властите.

Ситуацијата со ромската заедница во земјата и понатаму е тешка, со високо ниво на социоекономска маргинализација, особено во областа на едукацијата, вработувањето, домувањето и на здравството.

Во извештајот, исто така, се нотира и неможноста на неколку религиозни заедници, особено од православна вера (најверојатно се мисли на Православна охридска архиепископија на Јован Вранишковски – н.з.) да се регистрираат како верска заедница во земјава.

Од ЕЦРИ, покрај пополнувањето на празнините во Кривичниот законик и на граѓанските и управните законски одредби, од властите во земјава бараат јавно да го осудат говорот на омраза од страна на високи државни службеници и политичари.

„Сите политички партии во земјата треба да го осудат говорот на омраза и да ги повикаат своите членови и симпатизери да се воздржат од негова упореба. Властите треба да ги прошират постоечките обуки за расистичко и за хомофобично насилство за полицијата и за судството. Во насока на решавање на проблемот околу непријавувањето случаи, властите треба да имплементираат мерки за градење доверба и за зајакнување на врските меѓу полицијата и ранливите групи, особено со ЛГБТ-заедницата“, стои во извештајот на ЕЦРИ.

ЕЦРИ за Македонија: Политичарите јавно да го осудат говорот на омраза