МНР Димитров и ЗПВРСМ Османи на средба со Крамп Каренбауер во рамките на работна посета на Сојузна Република Германија

Сподели

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заедно со Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во рамки на работната посета на Сојузна Република Германија остварија средба со Претседателката на Демохристијанската Унија (ЦДУ) на Германија, Анагрет Крамп Каренбауер.

 

Османи Димитров Каренбауер

„Имаме исклучително важни два дена на средби и активности во Берлин. Германија е наш клучен европски партнер и поддржувач и нашата цел е овие два дена на нашите германски пријатели да им понудиме што повеќе  аргументи за тоа зошто заслужуваме да го направиме следниот чекор кон Европската унија и да ги отвориме пристапните преговори. Затоа новата лидерка на ЦДУ/ЦСУ ја запознавме со тоа каде Република Северна Македонија беше пред неполни две години и каде е денес, како пример за добар сосед и стабилен и веродостоен партнер во Регионот. Постигнавме многу и продолжуваме да работиме со сите напори и дома и надвор, за заедно со нашите партнери да обезбедиме дофатлива европска перспектива за земјата” – истакна министерот Димитров.

Состанок со Каренбауер

„Од аспект на европските интеграции Германија отсекогаш сме ја сметале за наш стратешки партнер, во чии иницијативи ги наоѓаме мотивацијата и перспективите за нашиот успех“, истакна Османи јасно изразувајќи очекување, оваа поддршка и взаемна соработка да продолжи и во иднина. „Во периодот кој ни претстои неопходна ни е сета политичката поддршка од страна на сите наши пријатели внатре во Унијата за да ја прошириме европската приказна на Балканот, и да го отстраниме европскиот скептицизам кој навлегува преку периферијата на Европа, преку јасна и недвосмислена поддршка од страна на земјите – членки на ЕУ за европските перспективи на Република Северна Македонија, како предводник на Европската идеја меѓу земјите од Западниот Балкан“ – додаде Османи, посочувајќи на очекувањата од престојаните јунски самити на ЕУ, за конфирмација на минатогодишната одлуката за почеток на преговорите со Република Северна Македонија.

Вицепремиерот Османи и министерот Димитров во рамки на работната посета на Берлин ќе остварат средба со Државниот министер за Европа, Михаел Рот и ќе учествуваат на брифинг пред Комисијата за ЕУ во германскиот Бундестаг, на кој ќе реферираат за текот на имплементацијата на политичките обврски кои произлегуваат од Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија, како и за напредокот во спроведување на реформите во областите предвидени во заклучоците на минатогодишниот самит на Европската Унија, како клучни критериуми пред овогодинешниот самит на ЕУ во јуни, кога се очекува конфирмација на одлуката за почеток на преговорите со ЕУ.

– Се вели во соопштението на МНР