Споменикот на Александар Велики свечено откриен во Атина (ВИДЕО)

Сподели

Во грчкиот главен град утрово свечено беше откриен споменикот на Александар Велики, во поинакво младо издание, а не како војник, откако 26 години беше „заглавен” во грчката бирократија, јави дописничката на МИА од Атина.

На свеченоста меѓу другите присуствуваа градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис, поранешниот грчки министер за култура и некогашен лидер на ПАСОК, Евангелос Венизелос, градоначалникот на Пела, Григорис Стамкос и на синот на скулпторот Јанис Папас, Александрос Папас,

Атинскиот градоначалник во обраќањето рече дека станува збор за вистинско и големо уметничко дело, кое по тешките и долги бирократски процеси, конечно си го најде своето место.

– Ова е дело за кое самиот скулптор, со години истражуваше за да стигне до споменик без воен симболизам и го претставува Александар Велики, не како војсководец, туку како момче – рече атинскиот градоначалник и истакна дека е особено среќен што токму тој ја има честа да го открие споменикот.

Каминис додаде дека во 2014 презел иницијатива и одговорност за да се стави крај на недоразбирањата и споменикот да биде поставен во грчкиот главен град.

Од симболични причини, како што рече Каминис, на свеченоста беше поканет и градоначалникот на Пела, родното место на Александар.

Венизелос беше присутен на свеченоста, бидејќи како министер за култура во 2001 година и го подари споменикот на општина Атина.

Свеченото откривање предизвика голем интерес кај грчките медиуми, а новинарите во нивните јавувања во живо во утринските информативни емисии коментираа дека станува збор за импресивен споменик.

Споменикот е дело на скулпторот Јанис Папас (1913-2005) и е со висина од 3.5 метри, а изминатите години доста често беше во центарот на вниманието на грчката јавност поради неможноста да се најде соодветен простор за негово поставување.

Скулпторот Јанис Папас уште во 1941 започнал да работи на споменикот, а делото го завршил во 1972. Дваесет години подоцна, во 1992 споменикот првпат бил претставен на изложба и купен од Министерството за култура на Грција. Во 2001 година министер за култура Венизелос го известил тогашниот градоначалник на Атина, Димитрис Аврамопулос дека Министерството сака споменикот да и го подари на општината.

Откако споменикот станува сопственост на општина Атина, започнуваат и перипетиите и несогласувањата околу неговото поставување.

Во 1993 била разгледана можноста да се постави споменикот во парк во центарот на Атина, кој би го носел името Александар Велики, меѓутоа во тој дел, тогаш се работело на изградба на метрото.

Во периодот од 2001 до 2013, советот на Општина Атина и надлежните разгледувале различни плоштади на кои би можел да се постави споменикот, но секогаш се појавувал проблем – или постоење на друг споменик или несогласувања или мал простор.

Пред четири години, во 2015 започнаа подготовките за поставување на споменикот во центарот на Атина.