Програма на КИНОТЕКА за мај и јуни

Сподели

Кога мајсторот на иранската кинематографија Асгар Фархади – кој сè почесто снима во Франција, Шпанија и други европски земји – ќе го стави зборот МИНАТО како наслов на неговиот филм, веднаш знаете дека во темнината на кинотечната сала ќе се соочите со суптилна и емотивно набиена драма. Знаете, исто така, дека нема да недостасува ниту саркастичниот хумор со благ интензитет, токму колку што треба да ги подвлече културолошките разлики, а без да навреди некого.

Како што кога еден друг режисер, мајсторот на руската кинематографија Андреј Звјагинцев, ќе стави БЕЗ ЉУБОВ во насловот на филмот, веднаш знаете дека во неговата минималистичка естетика бескомпромисно ќе се сецираат сите бездушни п(р)ојави на модерното општество.

Кога, пак, новата режисерска ѕвезда на европската кинематографија Аличе Рорвахер ќе стави придавка „среќен“ во нејзиниот нов филм – СРЕЌЕН КАКО ЛАЗАРО – повторно веќе насетувате дека нејзиниот горчлив стил, кога станува збор за изборот на приказната и нејзината нарација, подразбира барем неколку нијанси на тоа што вообичаено сакаме да си го замислиме како среќа. Како и да е, споменативе автори – и не само тие – воопшто не ја занемаруваат хуманата димензија на денешното битисување. И затоа кога прават филмови со навидум „мрачна“ атмосфера, ги прават токму заради занемарената хуманост.

Филмската програма на Кинотеката за мај и јуни се движи, по обичај, меѓу класичните кинотечни наслови и новите тенденции во европската и светската кинематографија. Но, не е заборавена ниту домашната продукција. Напротив, во стандарните термини за долгометражните играни филмови ќе имате можност да видите десетина краткометражни филмови од македонски автори, продуцирани во последниве две години. Има многу „сериозни“ теории и луцидни досетки за тоа дали иднината е запишана во минатото или, пак, постои само сегашноста – а минатото и иднината се само нејзините две страни, како кај една медалја – но во фундусот на македонските краткометражни филмови на младите автори очекуваме – и сакаме! – да ги препознаме новите имиња кои ќе ја обележат долгометражната продукција наредниве децении.

Кинотечната програма во мај и јуни нуди спектар од интересни автори и настани, како и неколку значајни ретроспективи. Почетокот на мај е резервиран за ДЕНОВИ НА РУСКИ ФИЛМ ПО ПОВОД ДЕНОТ НА ПОБЕДАТА и ОБЕРХАУЗЕН ПАТУВА: РЕТРОСПЕКТИВА НА ФЕСТИВАЛОТ НА КРАТКОМЕТРАЖЕН ФИЛМ, со пет термини во кои ќе можете да проследите дваесетина наслови од најновата краткометражна продукција. Потоа следува почетокот на 9-тото издание на Филозофски филмски фестивал, со химничната филмска ода за слободата НЕБОТО НАД БЕРЛИН на Вим Вендерс. Филозофскиот филмски фестивал ќе трае од 9 до 16 мај и на него ќе можат да се видат десетина значајни филмови, проследени со разговори со интелектуалци и филозофи по проекциите на теми кои го преиспитуваат современиот миг. Крајот на мај е резервиран за програмата плус на Филозофскиот филмски фестивал, РЕТРОСПЕКТИВАТА ВИМ ВЕНДЕРС: ЗАМИСЛУВАЊЕ НА МИРОТ ПРЕКУ ФИЛОЗОФИЈАТА И ФИЛМОТ.

Мај е месец во кој ќе ја проследиме и НЕДЕЛАТА НА  ИТАЛИЈАНСКИОТ ФИЛМ, а периодот од 31 мај до 4 јуни е планиран за вистинска кинотечна прославата на опусот на еден од најзначајните филмски автори на ексјугословенската и хрватската кинематографија, Рајко Грлиќ. Избраните седум играни филмови на Грлиќ се вистински пресек на неговата богата кариера, од почетоците како протагонист на „прашката школа“ во југословенската кинематографија, до неговите остварувања во последнава деценија.

Секако, на програмата на Кинотеката за мај и јуни се и филмовите на потврдените автори како Фатих Акин, Кен Лоуч, Павел Павликовски, Франсоа Озон, Горан Паскаљевиќ…

Програмата за мај и јуни пролседете ја на следниот линк