МНТ: “Ноќ на боговите” – Миро Гавран

Сподели

МНТ, “НОЌ НА БОГОВИТЕ”, 10.мај

Автор: Миро Гавран, Режисер: Марко Манојловиќ

Играат: Небојша Илиќ, Војин Ќетковиќ, Дејан Луткиќ

Како кај повеќето драми напишани во втората половина на 20 век и во оваа не постои јасна жанровска определба. Ако е потребно да се измисли жанровска кованица за оваа претстава, тоа звучи отприлика: трагикомедија со елементи на фарса во рамки на политички театар. Или како што обично велат актерите –„животна претстава“.

Динамичната драма на Гавран за љубовта, пријателството и владеењето, полна со неочекувани пресврти, кои на театарската публика и го задржуваат здивот, во изминатите 25 години имаше дури 19 театарски премиери ширум светот, од Сараево, Марибор, Подгорица и Мостар, до Вашингтон, Мелбурн, Софија, Прага…

„Ноќ на боговите“ гостува во Скопје, благодарејќи на желбата на Луткиќ, Ќетковиќ и Илиќ, да ги оживеат „карактерите кои се архетипски, но и денес ги пронаоѓаме во секојдневниот живот“.

Луткиќ за претставата вели: „Таа не спои. Сите тројца почувствувавме возбуда, прво како читатели на драмата, а подоцна се јави и потреба да се обидеме како уметници да ја пренесеме таа возбудата до публиката. Поделбата произлезе од желба да играме ликови, какви што не сме играле до сега. Да излеземе од нашата „удобна зона“ и да и` се претставиме на публиката во ново светло“.

Една ноќ, на десетгодишнината од пријателството, кралот Луј
IX (Ќетковиќ), дворскиот шут (Луткиќ) и писателот Молиер (Илиќ), заедно се опиваат, евоцирајќи спомени за изминатите години. На сред веселба, кралот им открива дека е свесен за играта во која го исмејуваат, па ги присилува своите пријатели, таа фарса да ја одиграат само за него.

„Делото ги става своите јунаци на мака, на која се изложени луѓето од кога живеат во заедница. Човекот е распнат помеѓу желбата да го направи она што го чувствува како праведно и начинот на кој мора да живее во светот и како мора да се однесува кон помоќните од себе. Како помоќните од нас никогаш не се сигурни во нашата љубов и дали е таа само од интерес или е искрена. И дали најмоќните и понатаму се `се уште луѓе, како и ние останатите?“, објаснуваат актерите.

На каков прием се надеваат кај публиката, всушност, какво влијание сакаат да остават кај неа со „Ноќ на боговите“ Луткиќ, Ќетковиќ и Илиќ?
„Исто таков впечаток, каков што ние добивме кога ја прочитавме драмата. Пред `се, што ќе се случи, бидејќи ова е една многу возбудлива драма, која гради напнато внимание и има “twist” на крајот, кој не ‘не разочарува. На подлабоко ниво, голем распон на емоции кон јунаците на драмата, гледајќи како општествените улоги кои ги превземаме во животот, имаат страшни последици врз нас, како луѓе“.

Миро Гавран, за оваа претстава вели „Во оваа необична фарса полна со неочекувани фабулативни пресврти се дава изобилство на материјал за изградување на уверливи улоги. Кога пишувам нов драмски текст, секогаш имам желба и актерите и публиката да уживаат кога претставата ќе заврши. Се надевам дека тоа ќе се случи и со оваа изведба“.

Превод на текстот од прес-конференцијата: Лидија Спасиќ

Билетите се пуштени во продажба онлајн https://mnt.mk/online/index.php?id=379 и на билетарницата во МНТ.

*Цената на билетот е 600 ден.