Отворен Скопскиот цветен фестивал

Сподели

 

Љубителите на цвеќето денеска и утре ќе имаат можност да купат цвеќиња и цветни аранжмани, да добијат корисни совети, да се забавуваат и да се дружат на отворено во рамките на шестиот Скопски цветен фестивал што се одржува во вториот дел на Градскиот парк. Фестивалот почна со цветно дефиле со деца од предучилишните установи и од основните училишта што тргна од паркингот пред бараките на Град Скопје и се движеше по патеките во паркот.

 

 

– Чест ми е и задоволство да Ве поздравам на овој шести по ред Фестивал на цвеќето кои се одржува под мотото „Скопје цвета“. Имаме ретка можност да присуствуваме на експонатите и изложувањата на повеќе од 30 цвеќари и фирми кои што се бават со хортикултура и цвеќе. Наша крајна цел е можеме преку зеленилото да внесеме естетика и во изгледот на Градот, меѓутоа и во изгледот на Вашите домови. Новина ни е годинава што за првпат ќе можете да добиете корисни совети за своите домашни миленичиња, како и да вдомат милениче – рече градоначалникот Шилегов, на отворањето на фестивалот.

 

 

Шилегов додаде дека зазеленувањето останува на врвот на приоритетите на Град Скопје и дека влогот во здрава животна средина е трајна придобивка која најдиректно влијае врз здравјето на сите сегашни и идни генерации. На дечињата кои учествуваа во цветното дефиле им посочи дека уште сега треба да градат здрави животни навики, бидејќи сите заедно треба да се грижиме за животната средина и дека од сите нас зависи колку овој град ќе биде убав и чист.

Во текот на двата фестивалски дена пред граѓаните ќе се промовира одгледувањето цвеќе, а најмладите ќе имаат можност да се вклучат во работилници, да ја покажат својата креативност и да научат нешто повеќе за цвеќињата и за заштитата на животната средина.

 

Посетителите ќе уживаат во настапите на повеќе музички и танцови изведувачи, ќе имаат можност да вежбаат јога и зумба на отворено и да учествуваат во најразновидни цветни перформанси и декорации.

Фестивалот на цвеќето се одржува под покровителство на Град Скопје, а во организација на ЈП „Паркови и зеленило“.