МОБ: OFFest 2019 Catrin Finch & Seckou Keita + Krste Rodzevski

Сподели

МОБ,CATRIN FINCH & SECKOU KEITA (Wales/Senegal), 3. јуни

Извонредниот, од критиката фален и неколку пати наградуван тандем составен од двa авантуристички музички виртуозa – велшката харфистка Катрин Финч и сенегалскиот кора мајстор Секу Кеита – гарантира врвно музичко доживување од светски ранг. Црпејќи инспирација од сопствените различни традиции, трансформирани со импресивна синергија, Катрин и Секу стекнаа висок углед со своите брилијантни настапи. Откако постигнаа огромен успех со деби албумот „Clychau Dibon“ (2013), нивниот долгоочекуван втор албум „Soar“ се појави во 2018 година, по што следеа неколку големи турнеи. Албумот патува на крилјата на оспри (орел рибар), прекрасна птица грабливка што неодамна се врати во Велс по неколкувековно отсуство, прелетувајќи 3000 милји во текот на една година од западноафриканскиот брег до речните устија на Велс, извишувајќи се, како музиката и сништата, над сите граници што ги поставил човекот. Волшебна, фасцинантна, комплексна и рафинирана, ова е исклучителна музика и возбудливо искуство во живо. Апсолутно хипнотичен и уникатен брак на култури. Покрај индивидуалната висока репутација (Финч ја нарекуваат „кралица на харфата“ a Кеита „најзафатениот кора инструменталист во светот“), тие денес се сметаат за еден од најбараните world-music проекти на деценијата.

***

KRSTE RODZEVSKI (Macedonia/USA) KRSTE RODZEVSKI guitar, vocals
MARY HALVORSON guitar KIRK KNUFFKE cornet TOMEKA REID cello
MICHAEL BLANCO double bass TOMAS FUJIWARA drums

Македонскиот композитор, гитарист и пејач Крсте Роџевски, кој повеќе од 20 години живее и работи во Њујорк, своите почетоци ги бележи во 90-тите во Битола, заедно со група музичари од која подоцна ќе произлезат Фолтин и Љубојна. Пошироката публика го познава по музиката од филмовите „Сенки“ и „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски, „До Балчак“ на Столе Попов и „Војната заврши“ на Митко Панов, како и по соработката со Дуке Бојаџиев. Во оваа прилика, Роџевски ќе настапи со некои од највозбудливите музичари од првата лига на њујоршката џез-авангарда: Мери Халворсон (гитара), Кирк Кнафке (труба), Томика Рид (чело), Мајкл Бланко (контрабас) и Тома Фуџивара (тапани). Тоа е практично јадрото на екипата солисти со кои тој изминативе неколку години соработуваше при создавањето и снимањето на неговата трилогија: „Batania“ (2015), „Bitter Almonds“ (2017) и „The Rabbit And the Fallen Sycamore” (2018), што добија одлични рецензии и пофалби од светската музичка критика, а последниот беше избран за еден од најдобрите албуми во 2018 година според светски реномираните списанија Downbeat и Wire. Овој ексклузивен настап на OFFest, кој воедно претставува македонска концертна премиера на музичкиот материјал на Роџевски, ќе биде сочинет, главно, од композициите од “Batania”.

Билети во продажба во Југотон Рекордс, МОБ, МКЦ и онлајн на www.mktickets.mk и www.karti.com.mk.