Од 27 до 29 јуни, во Охрид, во Куќата на Уранија (МАНУ), ќе се одржи Работилница на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика, при МАНУ, како прва активност од традиционалната манифестација “Научната и уметничка визита на МАНУ – Охрид 2019” .
На лингвистичката работилница ќе се разгледуваат методите на обработка на дијалектни атласи, теоретските и методолошките поставки на дијалектолошките истражувања, современата состојба на македонските дијалекти, а ќе се дискутира и околу концепцијата за изработка на дескриптивна граматика на македонскиот јазик.
На 27 јуни (четврток): Презентација на работата врз Лингвистичкиот атлас на македонските дијалекти (според материјалите на ОЛА) – Истражувачки центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ – МАНУ.
На 28.јуни (петок): Презентација на работата врз Македонскиот дијалектен атлас – Одделение за дијалектологија, Институт за македонски јазик „Крсте П. Мисирков.
На 29.јуни (сабота): Дискусија околу концепцијата за изработка на дескриптивна граматика на македонскиот јазик.
Во рамките на летните активности на МАНУ во Куќата на Уранија во Охрид, на манифестацијата Научна и уметничка визита Охрид – 2019, ќе се одржуваат научни средби, изложби и промоции на членовите и центрите на МАНУ.
Работилницата ќе работи секој ден, со почеток во 11 часот и ќе биде отворена за сите заинтересирани граѓани.
Веле Митаноски