Aлтернативно културно лето во Охрид: „Културолошка иницијатива 5 до 12“

Сподели

 

Ова лето за прв пат Охрид ќе добие алтернативно културно лето, со идеја за подигнување на културата во летниот период, кога градот е најпосетен.

 

 

– Гостите од земјата и странство, но и охриѓани ќе имаат можност да уживаат во квалитетна програма, но и да видат какви млади и креативни луѓе има во овој град. Целата идеја дојде од помислата да се подигне културната свест кај граѓаните и да има што повеќе интеракција со туристите кои престојуваат во јули и август во Охрид, затоа и овој проект го нарековме „Културолошка иницијатива 5 до 12“. Подготвена е разновидна и богата програма, во која се вклучуваат многу луѓе од урбаниот живот во Охрид, млади и креативни луѓе кои сликаат, фотографираат, танцуваат, глумат, играат, свират итн. Секоја недела имаме подготвено барем по еден настан, почнувајќи од недела, 07.07.2019 година, кога е и свеченото отворање на манифестацијата, информираат организаторите НАТГ „Аматер“ и Супер радио.

НАТГ „Аматер“ зад себе веќе ги има претставите: „Сите мои синови“, „Генетика на кучињата“, „Буре барут“, „Ти во седум бои“, седум години со ред учествуваат на Поетската ноќ во Велестово и други перформанси. Тука се и учества на фестивали и награди на Драмскиот Аматерски Фестивал во Кочани. Супер радио бележи полни 27. години успешна работа и веќе 9 години е најпопуларната локална радио станица во државата.

Свеченото отворање е закажано за вечерва, со почеток во 20:00 часот во кафе бар Shilla. Првата вечер се предвидени поетската вечер „Имам нешто да ти кажам“, како и акустична свирка со бендовите „Кукузел“, „Броз“ и „High4“.