Зоран Заев, денеска, одржа прес-конференција во врска со објавени разговори со руски „пренкери“, информирајќи дека во еден дел на објавените телефонски разговори се извршени сериозни интервенции и се ставени во контекст кој не е автентичен, поради што се извлекуваат невистинити заклучоци.
„Во интерес на вниманието на јавноста за тема која од утринава е од особен интерес и во интерес на целосната вистина, должен сум да соопштам дека, за жал, и јас станав еден од оние што во изминатите неколку години се измамени од добро организирана структура. Тоа се структури што извлекуваат придобивки од новите облици, алатки и тактики за медиумска дискредитација и медиумско влијание, најчесто насочени против личности и земји со евро-атлантски аспирации“, рече премиерот Заев додавајќи дека ова е еден од обидите за директна штета на нашите стратешки интереси да го завршиме процесот за нашето членство во НАТО.
Премиерот Заев посочи дека се работи за добро организирани структури за ширење влијанија во интерес на трети страни и дека се работи за манипулации кои извираат и доаѓаат од пропагандни медиуми со изразени анти-НАТО ориентации, а во нашата земја први ги пренесуваат медиумски канали што секојдневно шират лаги, анти-НАТО пропаганда и дезинформации.
„Во овој случајов, мета на една таква политичка дискредитација сум јас. Но, не сум единствен“, оцени премиерот Заев додавајќи повеќе политичари и јавни личности, меѓу кои францускиот претседател Емануел Макрон, поранешниот британски министер за надворешни работи Борис Џонсон, поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, како и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кои на ист начин истите измамници, успеале да им изнудат измамнички телефонски разговори.
„Во еден дел на објавените телефонски разговори се извршени сериозни интервенции и се ставени во контекст кој не е автентичен, поради што се извлекуваат невистинити заклучоци. Таков е објавениот дел за прашањето на Македонската православна црква (МПЦ). Тоа е дел од разговорите во кој е направена интервенција. Таму јас единствено зборувам за мојата определба МПЦ да добие автокефалност. Останатите делови од објавените разговори само ги потврдуваат ставовите кои јас ги застапувам во јавноста постојано кога се во прашање интересите на нашата држава. Овие разговори ја покажуваат мојата постојана заложба и посветеност на стратешките определби на нашата земја“, додаде премиерот Заев.
Премиерот Заев информираше дека во одредени делови од разговорите се слушаат неговите јавно искажани ставови против промена на границите и размена на население во заштита на мирот на Балканот и против опасноста од нови војни на Балканот.
„Во одредени делови од телефонските разговори“, додаде премиерот Заев, „се потврдува мојата верба во Договорите со Грција и Бугарија и можат да се слушнат моите заложби за загарантираниот македонски идентитет, македонскиот јазик и терминот Македонци, како наш идентитет загарантирани со Договорот со Грција, со кој се реши три деценискиот спор за името“.
„Ова е нов аларм за нас и за целиот демократски свет, кој налага силна потреба за сеопфатна, организирана борба против лажни вести и манипулации. Она што можам да го кажам е дека прифаќам дека сум жртва на мојата отвореност и постојана достапност за сите. Јас сум на постојана отворена линија со сите наши стратешки партнери и со граѓаните. Тоа е така само заради тоа што за мене секогаш врвен приоритет се интересите на државата и на граѓаните“, се обрати премиерот Заев на прес-конференцијата пред медиумите и јавноста.
Притоа, премиерот Заев истакна, дека овој случај потврдува дека ќе биде неопходно да се преиспитаат и да се применуваат сите протоколи за безбедна комуникација, иако овој случај укажува дека тие се постојано на удар и на инвентивноста на господарите на организираните напади против земји-членки на НАТО и против земјите со евроатлантски аспирации.
„Најавувам дека многу брзо, во наредниот период, Владата на Република Северна Македонија ќе излезе со итен план за одлучна акција против оваа специјална акција за ширење дезинформации. План кој ќе биде усогласен со интересите на сите наши сојузници во НАТО, еден огромен дел во духот на севкупните реформски процеси, коишто и во моментот се случуваат во државата заради нашето идно полноправно членство во НАТО“, рече во обраќањето на денешната прес-конференција претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев.