ФРОДЕМ: Национален очај или крајно време за нов почеток!

Сподели

 

ФРОДЕМ изразува длабока загриженост поради урушувањето на правниот поредок во Македонија. Кризата го проби дното. Сите се прашуваат дали постои ред и држава!? Урушувањето на СЈО со Јанева е резултат на неспремноста на обвинителските кадри, но и на здружените бандитски активности на екс режимот. Голем придонес во урушувањето дава млитавата актуелна власт. Конечно, СЈО нема есклузивитет над криминалната судбина на екс режимот. Каде се резултатите од постапувањето на другите институции на прогонот?

За жал, се оствари стравувањето дека екипираноста и раководењето на СЈО е резултат на партиски договори чија цел како да не била правдата, туку дозирано криминално гонење во услови на нереформирано, клиентелистичко судство. Односно, како да се создаде инструмент за јалово гонење кој повеќе создава услови за извлекување на клучните режимски криминалци. Така, политичкиот шарлатан Груевски комотно побегна од земјата, а „силните“ удбаши „Неџби и Христо“ практично станаа заштитени соработници на комшиите. Се на се, врвот на екс-власта и клучните удбаши станаа главни кодоши и шпиони на земјава, само и само да се спасат од заслужените казни.

ФРОДЕМ ги осудува изјавите на клучни политичари кои ја редуцираат важноста на мерката притвор. Се разбира, никој не е за долгодишен притвор, како „мерка“ за пресудување пред да заврши судењето, како што тоа го правеше 11 годишниот режим. Но, притворот не го измислиле политичарите. Тој постои откако постои општеството за да ги спречи моќните криминалци да останат неказнети, како поради можно заплашување и елиминирање сведоци и докази, така и поради моќното бегство со украдените пари. Во конкретниот случај со СЈО, и митаџиите и примателите на енормениот поткуп треба да завршат во притвор.

ФРОДЕМ ја повикува опозицијата да се извини за создадениот 11 годишен режим и масовните повреди на човековите права. За пљачкањето и изолацијата на Македонија, за масовното прислушување. ФРОДЕМ ја повикува опозицијата целосно да се огради од Груевски, како небитна, анахрона политичка фигура која максимално ја има искористено слабоста на земјата, политичкиот систем и на тогашната опозиција, а сегашна власт СДСМ, за бледото, криминално и калкулантско владеење. Секоја нова власт за своја прва задача треба да има расчистување со незаконитите спреги и интереси поврзани со ДУИ, СДСМ и ДПМНЕ и нивните сателити. Што поскоро, тоа подобро, и за нив и за сите нас. Потребно е итно проветрување и политичка стабилизација.

ФРОДЕМ нема постојано да го прежалува и коби фактот дека е пробиеното дното на сите кризи и урушувања на Македонија и дека тоа, за жал,  како да е единствениот исход од тридецинските напори за создавање сопствена држава и нормален поредок. Напротив, ФРОДЕМ упатува апел за политичко организирање на сите прогресивни и слободоумни, разочарани непартиски и партиски граѓани, во ново движење и/или партии со кои ќе се стави крај на конфликтите и дезорганизираноста на земјата.  Револуцијата мора да продолжи без оглед на разните бои и попатните предавства – се наведува во соопштението на ФРОДЕМ – ФРОНТ ЗА ДЕМОКРАТСКА МАКЕДОНИЈА.