Владата на вчерашната седница донесе одлука да го повлече Законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и упатила препорака на општините од регионот да прогласат мораториум на градежните активности сè до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство.
На седницата владата уште еднаш ја потврдила определбата за зачувување на статусот на Охридскиот регион како светско наследство впишано во листата на УНЕСКО – се наведува во соопштението на Владата.
Владата им препорачува на општините Охрид и Струга, во рок од 10 дена да изготват акциски план со роковник за спроведување на препораките на УНЕСКО за обврските од надлежност на општините и во рок од два дена по усвојување на акциските планови од страна на советите на општините, да ги информираат Министерството за транспорт и врски, Министерството за култура и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Овие министерства, од Владата биле задолжени да ја координираат меѓуинституционалната активност за спроведување на препораките на УНЕСКО од 43-тиот состанок на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Баку, Азербејџан.
„Општина Охрид ќе ги преземе сите активности во согласност со законските прописи, со цел да се исполнат задолженијата. Општинските надлежни служби ќе ги разгледаат законските можности во однос на владината препорака за прогласување на мораториум на градежните активности до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство. По налог на градоначалникот Константин Георгиески, во рок од 10 дена ќе биде изготвен Акциски план со роковник за спроведување на препораките на УНЕСКО. Веднаш по изготвувањето, овој план ќе биде ставен на дневен ред на седница на Советот на Општина Охрид“, се вели во соопштението на Општина Охрид.