Безбедносните мерки против африканската чума дигнати на највисоко ниво

Сподели

 

 

Иако мерките против африканска свинска чума се на највисоко ниво, не е исклучена можноста од појава на болеста во земјава, заклучија ветеринарите на денешниот координативен состанок. Државата, како што оценија, е максимално подготвена да се справи со ризиците зашто во континуитет постапува согласно меѓународните стандарди и практики. Ветеринарите уверуваат дека дијагностицирањето на болеста може да се изврши за неколку часа, зависно од примерокот, состојбата во која се наоѓа и начинот на неговата обработка. Од состанокот порачаа, да се стори се пред да се појави болеста зашто потоа би било доцна. Воедно апелираа, при секоја промена на здравствената состојба кај свињите, сопствениците веднаш да реагираат и да го пријават случајот кај ветеринарен лекар.

Не сакаа да шпекулираат колкави се шансите во земјава да се појави африканска чума, но рекоа дека за тоа постојат реални шанси и можеби е само прашање на време кога тоа ќе се случи, зашто болеста се пренесува преку предмети, храна од животинско потекло, но и преку дивите свињи кои се сериозен извор на инфекција.

Една од пораките на состанокот беше и ЈП „Македонија пат“ секаде да постави контејнери за непречено фрлање отпад, посебно од страна на туристите, а комуналните претпријатија повеќе да водат сметка за собирањето и транспортот на сметот. Притоа е важно тој да се однесе на депониите каде соодветно ќе се третира.

-Ќе кажам повторно. Во земјава нема африканска свинска чума, но државата ги презема сите превентивни мерки, рече директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов. Изминатите денови, дополни, беше спроведена контрола на влезот на патници, туристи од Бугарија, како и на Табановце за туристи што влегуваат од Србија. Целта беше проверка дали носат производи од животинско потекло во својот личен багаж.

Според Атанасов, секојдневна е и контролата на сточните пазари зашто мора да се следи влезот и излезот, да се знае каде се движат животните и дали доаѓаат од фарми кои се под контрола.

-Многу е важно да се врши контрола на добиточните пазари, а таму, како што веќе информиравме, се издадени наредби од страна на АХВ да не се дозволува движење на добитокот без уверенија и сертификати за неговата здравствена состојба, потенцира директорот.

Факултетот за ветеринарна медицина ги презема сите протоколи и мерки за идентификација и дијагноза на болеста.

-Можам со сигурност да ве уверам дека имаме обучен персонал, квалитетни лаборатории, најнова современа опрема за дијагностика на африканска чума, но болеста досега не е докажана во ниту еден случај. На Факултетот е воспоставен и систем на пасивно дежурство, за време на викендите и за време на празниците. Постојано сме во состојба на подготвеност и во координација со Агенцијата и Ветеринарната комора, рече деканот Лазар Пендовски.

Претседателот на Ветеринарната комора Томислав Николовски подвлече дека е најважно да се подигне свеста за африканската чума, особено кај одгледувачите на свињи. За таа цел, наредните денови преку ветеринарните друштва и Агенцијата за храна и ветеринарство ќе бидат дистрибуирани прирачници за препознавање на болеста, прирачници за биосигурносните мерки на одгледувалишта, како и постери на значајни посетени места во руралните средини.

Африканската чума е опасна и заразна болест која ги пустоши фармите. Се манифестира со висока температура, повраќање и појава на црвени дамки по телото. Предизвикува крварење во сите органи, внатрешни и надворешни. За неа нема терапија, ниту вакцинација. Последиците се катастрофални, особено од економски аспект. Моментно, најблиску, ја има во Бугарија каде се детектирани повеќе жаришта.
Вчера како што објасни директорот Атанасов, беше свикан и состанок на Националниот центар  за контрола на болестите каде што, исто така, заклучи тој, имаше координација на одговорностите и надлежностите на ветеринарната фела, согласно законите.