ШТО ПОНАТАМУ? – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

 

 

Мерсел БИЉАЛИ

Со години незамисливо молчевме кога пред наши очи исчезнуваа тешки милијарди наши пари, а тогаш ич не нѐ интересираше политиката, а сега од такт не вади тоа што во убав куфер се носат сомнителни пари од сомнителни лица! Ич не го жалевме грабежот на нашите пари, ама многу нѐ болат парите на тие што нас не ограбија! Направивме чесни криминалци кои многу ги жалиме додека тие ни се смеат. Јавна тајна е дека волкав рекет што сега ни ја потресува државата пред неколку години се случуваше секоја недела. Но, тогаш бизнисмените самите ги носеа торбите со пари на одредено место. А ние молчевме, па дури велевме – „Алал да им е на босовите“!

Факт е дека сегашната власт немаше разработена стратегија како да го размонтира сваровското правосудство како главна заштита на мега-криминалот, па во јавноста се создаде перцепција дека тоа и не го сака. А формулата за тоа е едноставна – со позитивен популизам. А тоа е можно само на почетокот на новото владеење кога сите виновници живеат во своевиден страв и неизвесност што ќе стане со нив и стануваат лесно соработливи. Тогаш и јавноста е на ваша страна. А ние, како нов принцип, одделни луѓе ги ангажиравме на клучни позиции! За да го неутрализирате отпорот, потребни се искусни професионалци, а и маса луѓе кои како логистика (ако треба и со протести) против тие институции кои го штителе и го штитат криминалот. При наши состојби, други можности скоро и да не постојат. На тоа немаше да се спротистави никој од надвор ако гледаат дека целта е искрена. Лелекањата за демократските принципи ќе беа минималната цена во споредба на тоа што го имаме сега. Оти секому е јасно дека ако не ви успева да го победите криминалот, тој ќе ве победи вас.

Чудни инсталации!

А зошто не се прашуваме поради што толку се загрижија овие од “La Verita”- орган на крајната десница во Италија, за да не „спасат“ од Сорос!? Факт е дека сега и во рамките на самата ЕУ се во пораст про-путинистичките сили, кои некои јавно ги нарекуваат „квази-фашистички“ и кои организирано дејствуваат за да ги поткопаат либералните демократии таму кај што можат, со цел формирање националистичка Европа блиску до идеологијата на Путин, каде што криминалот долготрајно ќе владее. Има многу индиции како компоненти на руската резузнувачка служба – ГРУ, активни по цела Европа, а најмногу се присутни во западен Балкан. Во 2016 година дури се обидоа да извршат и државен удар во Црна Гора. Нејзини компоненти за поткопување на демократијата стигнале дури и до САД, замешувајќи се во американски избори. Оската меѓу чудни сили на Москва, Будимпешта и Рим се пеколен план против целиот Балкан и Европа. Има сериозни индиции дека преку тајни канали, десетици милиони долари руски нафтени пари веќе се на контата на одделни политички партии на европски држави. Тука се и злупотребата на бројни информации, сајбер напади и спутник пропаганда. Освен другото, Русија посакува да создаде и експлозивен Балкан за да ги легализира окупациите на деловите од други држави како што се Абхазија, Јужна Осетија и Крим. Но, секако тоа не ја амнестира власта што не успеа да изгради имунолошки систем против вакви тешки политички инфекции.

 

Генерална линија

Со сите маани и слабости, сегашната власт сепак радикално се разликува од претходната, па помислата да ја урнеме наликува на доброволно колективно фрлење во длабок кањон. Опозицијата цело време го штити токму тој мега-криминал завиткан во убава политичка амбалажа. Таа ни во нијанса се нема дистанцирано од логиката на Будимпешта, која до гола кожа сите не ограби. Од државата направи приватен имот. Сѐ беше превртено наопаку. Рака на срце, во суштина овие две години се работеше за остварување на четирите значајни стратегиски цели кои Македонија ја прават стабилна и безбедна, со обезбеден територијален интегритет, со слободни медиуми и со некаков економски развој. Она што е постигнато во односите со соседите беше незамисливо до само пред две години. Тие односи на овие поставени темели ќе се развиваат уште побрзо од што се очекуваат не само политички, туку и инфраструктурни и економски ефекти. А и економската размена во целиот регион е во нагорна линија.

Опозицијата е во своевиден грч-политика. Нејзе се уште повеќе ја боли „Белиот дворец“ изграден со црни пари, отколку белата иднина на луѓето и државата. Цело време ја напаѓаа Катица Јанева дека е политчка алка на власта, а ја слушнавме како таа му гарантира на таткото на „Империја“ дека „се ќе биде океј“! Изгледа кај нас нема нешто што не може да се поткупи! Нам и кога ни доаѓаат нашите пет минути, саатот ќе ни се расипе! На сегашната опозиција изгледа најважната работа и беше компромитацијата на СЈО и контрола на редовното јавно обвинителство со именување на нивен јавен обвинител по партиски клуч. Конечно, во компромитацијата на СЈО успеа со помош на своите големи внатрешни и меѓународни подземни структури, на кои и не им беше толку тешко при создаденото мнение за „неказнивост“.

Што понатаму?

Спасот на процесот нималку не е лесна работа. Сега не е лесно да се прават тешки резови, оти доста е потрошено од кондицијата. Требаше силна и професионална ПР служба за да се оддржи кондицијата. Во постојни околности власта сериозно треба да ги третира препораките од нашите пријатели и одговорноста мора да стигне до секој што е заслужен. Исто така мора де се расчисти со врвот на судството кое продолжува да биде главна потпора на штитењето на криминалот. Само така ќе почне да се враќа довербата во институциите и ќе се спаси процесот. Исто така треба да се почне со изградбата на имунолошкиот систем како механизам за превенција против злото. Оти со години е водена специјалната војна за општата компромитација со спонзорство на минатата власт, на судии и обвинители во сите инстанции, на гестапо новинари и разузнувачки служби. Создадоа пекол, а во пеколот и ѓаволот е позитивен лик. А сегашната власт веруваше во недостижното. Но, сепак треба да знаеме дека има голема разлика. Замислете во времето на Груевски са де притвореше некој сопственик на негови блиски телевизии! Повозможно ќе беше да нѐ погоди некој астероид.