Меѓународна 12. графичка работилница „СОФИЈА“ во Богданци

Сподели

 

Графичката уметност во наредните десет дена, во Богданци ќе собере дел од најталентираните млади графичари од регионот. Од 24 август до 2 септември, традиционално по дванаесетти пат ќе се одржи меѓународната графичка работилница „Софија“.

 

 

„Навистина сме среќни и горди што она кое започна како скромна иницијатива пред 12 години, денес е еден од најпрепознатливите културни настани во регионот во делот на графичката уметност. Целта е едноставна. Да се популаризира графиката како начин на уметничко изразување и да се разменат искуства меѓу младите графичари од различните графички академии од регионот“, велат од Здружението на граѓани Графичка работилница „Софија“ Богданци, кое е организатор на настанот.

 

 

На годинешната главна сесија ќе учествуваат 14 уметници (графичари) од Македонија и од странство, селектирани од државните ликовни академии во Скопје, Белград, Нови Сад, Загреб, Осиек, Сараево и Софија. Ментор на работилницата ќе биде Марио Чаушиќ, вонреден професор на Академијата за уметност и култура во Осиек, Хрватска а улогата на асистенти ќе ја имаат Виктор Семенпеев, Сања Жигиќ и Ана Димчевска Семенпеева.

Завршната изложба на создадените дела ќе се одржи на 2-ри септември во изложбениот простор кој функционира во рамките на графичката работилница. Главен поддржувач на настанот е Печатница „Софија“ Богданци, а одржувањето на работилницата е помогнато и од Министерството за култура и општина Богданци.

 

Графичката работилница „Софија“ првпат се одржа во 2008 година. До сега низ неа продефилираа речиси 200 млади графичари од целиот регион. Улогата на ментори ја имаа истакнати графичари и универзитетски професори од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.

На Фејсбук страницата https://www.facebook.com/graphicartsofija секојдневно ќе се објавуваат информации и фотографии за текот на Графичката работилница.