Предметите на СЈО се селат во Јавното обвинителство

Сподели

 

Специјалното јавно обвинителство денска треба да почне со трансферот на предметите во Јавното обвинителство.

„Ја известуваме јавноста дека од страна на Јавното обвинителство доставен е допис во кој е наведено дека согласно член 6, став 5 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, неопходно е ова Обвинителството да преземе дејствија за предавање на предметите во Јавното обвинителство. Постапувајќи по дописот, до Јавното обвинителство доставено е известување дека Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е подготвено веднаш да ги предаде предметите по кои постапува со сите списи и докази. За останатите детали околу примопредавањето ќе известиме дополнително“, објавија од СЈО на нивната веб-страница.

И републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, вчера изјави дека предавањето треба да почне денеска.

– „Утврден е начинот на преземање на предметите и со тоа ќе се отпочне од утре“ – изјави за ТВ 24 Љубомир Јовески.

Според информациите, обвинителите од СЈО треба да го предадат својот предмет, но пред тоа да се потпише и архивира. Истата процедура ќе важи и за истрагите и предистрагите.